Порто и Магдебург одиграа интересен, возбудлив натпревар во рамките на осмото коло од Лигата на шампионите. Домаќините во Португалија ги поделија бодовите со германските прваци откако судиите прво го признаа победничкиот гол на Магдебург, а потоа се одлучија да го поништат. Натпреварот беше полн со пресврти особено во вториот дел. Гостите имаа предност во првото полувреме но Порто успеа да воспостават контрола над резултатот во вториот дел и имаше предност во поголемиот дел, но на крајот последниот напад за победа им припадна на будеслигашите кои започнаа да слават победа од 32-31(12-16) пред судиите да се премислат и да го поништат победничкиот гол, оставајќи по еден бод за двете екипи.
Магдебург од самиот вовед поведе на овој дуел, германските шампиони имаа предност од два разлика, која ја надоградуваа користејќи ги грешките во играта на Португалците. Будеслигашот до „плус четири“ дојде на средина на првиот дел (5-9), а највисоките пет голови разлика ги имаа во 20. минута. До крајот на првиот дел Порто успеа да намали гол од високата негатива за конечни 12-16.
По паузата кога Магдебург веќе ги запиша бодовите од овој дуел, Порто имаше одличен период и комплетно се врати во игра на овој меч. До 36. минута го израмнија резултатот (17-17), а веќе во следниот напад Салина го донесе и првото водство на Порто за 18-17. Во второто полувреме двете екипи ги заменија улогите, па Порто делуваше сигурно и на крилата на своите симпатизери сигурно ја градеше разликата, а Магдебург се бореше да остане во игра. Серијата на Порто продолжи и во средината на вториот дел, а стигна до водство од „плус три“, 20-17. По пауза од речиси десет минути Јенсен повторно постигна погодок за Магдебург, за ресетирање и освестување на германскиот бундеслигаш.
Во последните десет минути Порто влезе со гол предност, но упорните Германци успеаа да ја вратат неизвесноста на овој дуел и да го изедначат овој дуел. Во финишот на натпреварот попуштија и одбраните на двете екипи, Магдебург одлично го користеше брзиот центар и погодуваше од чисти позиции, а Порто ги градеше мирно своите акции. Една грешка значеше промена на водството. Во 57. минута Портнер одбрани удар на Туриза, што бргу Кристијансон го претвори во два гола предност за гостинските ракометари, 29-31. Магдебург имаше шанса и за „плус три“, но наместо сигурна победа, дозволи Порто повторно да се врати во игра. Со промашен обид за гол и непрецизно додавање, ги вратија домашните ракометари во егал на 31-31.
Резултат со кој двете екипи влегоа во последната минута. Несвојствено за ладнокрвните Германци повторно под притисок на одличната и агресивна одбрана на Порто ја загубија топката во напад. Порто имаше напад за победа. Голманот на Магдебург, Портнер го одбрани првиот обид од бековската линија, а потоа следуваше грешка во додавање на истиот ракометар, Валдес, кој ја фрли топката во аут. Останаа уште шест секунди за гостинскиот напад, а во брзата завршница со спектакуларен цепелин Магдебург започна да ја прославува новата победа во Лигата на шампионите. Тим Хорнке го постигна последниот гол, судиите ја подигнаа раката во знак на признавање на голот, но по истекот на времето и кратка меѓусебна консултација одлучија дека голот сепак нема да важи. На крајот на семафорот остана забележан конечниот резултат 31-31.
Во составот на Магдебург, Магнусон ја предводеше листата стрелци со 7 погодоци, го Мертенс и Кристијансон запишаа по 6, а Јенсен постигна 5 погодоци. Итуриза постигна 7 голови, го следеа Силва и Салина со по 4 за домашниот тим. Македонскиот репрезентативец Никола Митревски беше во почетната седморка на Порто и бранеше во поголемиот дел од натпреварот.