Ракометарите на Охрид прославија голема победа над тимот на Металург со 27-26, откако во драматична завршница за триумф погоди хрватскиот интернационалец Денис Тот. Домашните во првиот дел водеа со плус четири, гостите во вториот со плус три, но на крајот славеа охриѓани.
Серафимов го отвори резултатот, но потоа со три гола во серија, домашните го преземаа водството. Имаа избраниците на 6-3, потоа и 9-5, па Металург се доближи на 9-8. Во продолжение Манасков и Андоновски казнија две грешки на гостите и беше 11-8, но повторно гостите од Автокоманда се заканија и намалија на 11-10. Имаа избраниците на Иван Марковски шанса и за реми, но Даниловски одбрани.
Потоа пак грешеше Металург и Охрид се одлепи на највисоките плус четири, 15-11, но во последните секунди од првото полувреме, Додиќ со еден убав соло пробив, намали на 15-12. По седум минути игра во вториот дел, Металург комплетно се врати во игра и израмни на 15-15. Во продолжение се играше гол за гол, а на десетина минути до крајот гостите имаа плус три, 22-25.
Охриѓани не паднаа на психолошки план и израмнија на 25-25, а потоа погодија Калуѓеровиќ и Ивановски за 26-26 на две минути до крајот. Металург не погоди преку Серафимов, па остана за охриѓани време да постигнат победнички гол. Немаше премногу идеја во нападот, а во последните секунди од мечот, Денис Тот погоди од тешка позиција за голем триумф.