Репрезентацијата на Алжир е последниот учесник од Африка на Светското првенство 2023 година, кое ќе се одржува во Полска и Шведска, откако ја совлада незгодната селекција на Гвинеја со 27:26 (12:10), во натпревар за петтото место на Африканското првенство во Египет.
Овие две репрезентации се сретнаа во првата фаза на Африканското првенство, тогаш Гвинеја го изненади Алжир со 28:22. Иако ракометарите на Гвинеја имаа напад за реми, сепак, репрезентацијата на Алжир успеа да се одбрани во последните секунди, со што си обезбеди билет на Мундијалот.
Освен Алжир, место на Светското првенство 2023 од Африка обезбедија и репрезентациите на Мароко и Тунис, кои денес ќе се борат за бронзениот медал на Африканското првенство и репрезентациите на Египет и Зеленортските Острови, репрезентации кои ќе играат во финалето.
Алжир на Светското првенство ќе игра во групата Е заедно со репрезентациите на Катар, Германија и Србија. Светското првенство ќе се игра од 11 до 29 јануари 2023 година. Домаќини ќе бидат девет градови – Гдањск, Краков, Катовице, Плоцк, Стокхолм, Малме, Гетеборг, Јонкопинг и Кристијанштад.