Португалскиот првак Порто ја оствари втората победа во Лигата на шампионите, откако славеше на гостувањето кај словенечкиот Целје со 30-29, иако во текот на мечот губеше и девет гола разлика. Човек за пресврт беше капитенот на Македонија, Никола Митревски, кој влезе во последните петнаесетина минути и имаше големи заслуги со шесте одбрани за херојскиот камбек на неговиот тим.
Првото полувреме мина во знакот на домашниот тим, кој во еден момент имаше предност дури од седум гола, 11-4. Предводени од голманот Запоншек, како и Јанц, ракометарите на Целје делуваа разиграно и полетно на теренот.
До крајот на полувремето беше 16-9. Како заврши првиот дел, така почна и вториот, па избраниците на Алем Тоскиќ поведоа и со девет гола, преку Кречиќ, 21-12. Беше и 25-17, па гостинскиот тренер Карлос Резенде реши дека мора да менува.
Го уфрли Никола Митревски на местото на Диого Рема и следуваше огромен камбек на Порто. Митревски фати три удари во серија, домашните промашуваа и правеа технички грешки, па на десет минути до крајот беше 26-26.
Беше и 29-27 за Порто, но одново Митревски два пати одбрани, а Итуриза казни два пати за реми 29-29. Потоа домашните погрешија уште еднаш, гостите реализираа, а Целје немаше решение во последните триесетина секунди и победата остана за Порто.
Mитревски имаше процент на одбрани 44,44%, а најдобар стрелец во редовите на португалскиот првак беше Бранкињо со шест, додека Итуриза даде пет гола. Кај Целје кој не знае за победа во ЛШ и во словенечкото првенство веќе четири меча, Јанц постигна девет погодоци.