Ракометарите на Тиквеш останаа во игра за пласман во плеј-офот, откако вечерва во салата „Јасмин“ го совладаа тимот на Металург со 40-38. Иако тренер на гостите Оливер Димитриоски, ги немаше на располагање интернационалците, неговиот тим парираше одлично во првиот дел и водеше во неколку наврати со плус три. Сепак во вториот дел пресудна беше поголемата желба за победа на кавадарчани, кои стигнаа до посакуваната цел.
На стартот на натпреварот се играше гол за гол до 4-4, пред металурзите да поведат со 4-6. Се играше многу ефикасно на двете страни, иако и голманите беа солидно, па брзо се менуваше ситуацијата на теренот.
Металург имаше и плус три, 7-10, па 13-16, но кавадарчани беа упорни да стигнат до позитивен резултат и направија пресврт со серија од четири погодоци, 17-16. Но избраниците на Томе Петрески имаа неколку грешки и пад на концентрација во финишот на првиот дел, па Металург на пауза замина со предност, 19-20.
Набрзина во вториот дел домашните поведоа со 26-23, но тоа не беше доволно и на петнаесетина минути до крајот тимот од Автокоманда дојде до пресврт со голот на Додиќ за 29-30. Потоа се играше гол за гол и во последните десет минути се влезе со реми, 32-32, што беше најава за возбудлива завршница. Не се менуваше ништо на теренот, беше 33-33, па 34-34.
Металурзи направија наивна грешка во нападот, па беа казнети со брз гол на Медиќ за 36-34, но на три минути до крајот беше 38-38. Смиљаниќ донесе посакувано водство за Тиквеш, 39-38, Металург имаше напад за реми кој заврши неуспешно и Гошевски погоди за кончени 40-38.
Најдобри стрелци кај победникот беа Смиљаниќ со десет и Симиќ со шест голови, додека кај Металург се истакнаа Серафиов со девет и Додиќ со осум погодоци, како и голманот Ѓорѓески кој запиша 15 интервенции.
Во последното коло на Тиквеш за пласман во плеј-оф му треба победа на гости кај Работнички, и пораз на Еурофарм Пелистер 2 кој ќе гостува кај составот на Прилеп.