Селекцијата на Шпанија стартуваше со победа на Олимписките игри во Токио откако во возбудлив натпревар до самиот финиш ја совлада репрезентацијата на Германија со 27-28.
Во првите петнаесетина минути се играше гол за гол до 5-5, пред Бундес тимот да се одлепи на водство од плус три, 9-6. Беше и 10-7, но набрзина погоди голманот Гонзало, потоа Македа и Гомез искористија две грешки на Германија и веќе беше 10-10. Повторно продолжи неизвесната игра гол за гол, но избраниците на Алфред Гисласон заминаа на пауза со предност, откако Јури Кнор погоди во последните секунди од првиот дел за 13-12.
Во второто полувреме Шпанците повторно ја преземаа контролата на теренот, имаа најчесто два или три гола предност, но упорните Германци преку Кастенинг и Вајнхолд израмнија на 21-21. Беше и 22-22 на петнаесетина минути до крајот, а тоа беше најава за возбудувања.
Вулф запре удар на Фернандез, па Кун казни едно невнимание во шпанската одбрана за 23-22. Вардарецот Гурбиндо ја врати предноста на страната на Шпаннија со убав гол, 23-24, но Генсхајмер израмни од пенал на седум минути до крајот.
Играта се забрза во финишот, па Соле и Шилер погодија за 25-25. Беше и 27-27, па следуваа грешки на двете страни и Душебаев погоди во мрежата на Гермаија за 27-28, пред Гисласон да повика тајм-аут. Вајнхолд направи пробивање, но Гурбиндо згреши на три секунди до крајот и Германците не го искористија последниот обид од девет метри, па триумфот остана за Шпанија.
По пет пати кај Шпанија погодија Гомез и Фигуерас, а голманот Гонзало собра 11 интервенции, додека кај Германија се истакна Вајнхолд со пет гола, а Битер и Вулф одбранија 11 удари на ривалите.