Возбудлив натпревар во 4 коло од Женската лига одиграа екипите на Стружанка и Гевгелија, кој заврши реми, 25-25.
Во првиот дел кој заврши 12-12, најчесто се играше гол за гол, а еднаш домашниот тим успеа да направи предност од два гола. Во второто полувреме тоа го сторија гостинките во финишот, кога поведоа со 22-24, но не издржаа.
Стружанка се врати во игра, израмни на 24-24. Во последната драматична минута, најдобрата гостинска ракометарка Драгица Митрова од пенал погоди за 24-25, а за домаќинките немаше многу време.
Во последната секунда гевгеличанки направиј фаул за седум метри, а успешен реализатор беше Магдалена Делиоска за 25-25 и поделба на пленот, што е најреален резултат на овој интересен двобој.
Судиите на натпреварот покажаа дури 12 исклучувања и три жолти картони. Најдобар стрелец кај Стружанка беше Делиоска со осум голови, а Затуроска даде седум. Кај Гевегелија, стандардно Митрова беше најдобра со 12 погодоци.