Екипата на Стружанка ја одбрани титулата во кадетската лига откако на Ф4 турнирот, на кој беше организатор, успеа во неизвесното финале да го совлада Вардар со 23:21. Победникот беше одлучен на пенали, а регуларниот дел од натпреварот заврши нерешено, 20:20.
Двете екипи одиграа неизвесно прво полувреме, кое што беше проследено со голема борба за секоја топка. Вардар во еден момент имаше и три гола разлика, 4:7, но домаќинот не се предаваше и во последниот период од првиот дел направи пресврт. По водството на „црвено-црните“ од 6:8, избраничките на Владимир Паноски со серија од 3:0 поведоа со 9:8. Првото полувреме заврши нерешено, 9:9.
Во првите минути од вториот дел се играше гол за гол. Стружанка заигра поангажирано, успеа да се одлепи на три гола позитива, 16:13, а ракометарките на Вардар беа под голем притисок за камбек во дуелот. Кризата во екипата на Вардар беше причина Платон да побара тајм-аут, со цел консолидирање и подобра игра на нејзините избранички.
Советите од вардаровата клупа вродија со плод бидејќи гостинките дојдоа до минус еден 16:15. Вардар со подобрата игра во одбраната, како и во нападот, го израмни резултатот на 17:17, а во следниот напад обезбеди водство од 17:18. Во завршниот дел од натпреварот ниту една од двете екипи не успеа да создаде поголема разлика од еден гол, па така регуларниот дел заврши без победник, 20:20.
Тоа значеше дека победникот ќе се одлучува на пенали. Во пенал серијата домашната екипа имаше подобра реализација и повеќе беше концентрирана, со што ја одбрани титулата која беше освоена минатата сезона.
Екипата на Шампион го освои третото место, откако беше подобра од битолски Феникс, со резултат 35:32 (15:18).