Ракометарите на Вардар успеаја да се пласираат на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига по деветти пат, откако загубија во реваншот од четвртфиналето од хрватскиот Нексе Нашице со 25-26. Поради гол повеќе на гостински терен во победата со 30-31 од март, вардарци се радуваат.
Во првите дваесетина минути имаше осум израмнувања на резултатот, 8-8 и беше јасно дека ќе гледаме интересен натпревар. Пред празните трибини во СЦ „Јане Сандански“, вардарци направија серија од три гола преку Калараш, Дисингер и Јотиќ и поведоа со 11-8.
Прибетиќ и Милета искористија невнимание на вардаровата одбрана на два пати и намалија на 11-10. Со голот од далечина на Векиќ, Вардар зголеми на 13-11, но сепак на пауза не замина со предност, бидејќи Нексе успеа преку Бувиниќ и Кевиќ, кој даде гол од пенал, да израмни на 13-13.
На стартот на вториот дел Вардар набрзина зголеми на 16-14, но Талески не погоди од полуконтра за плус три. Нексе се врати пак во игра и израмни на 16-16, а беше и 17-17, пред Ристовски да ги спречи гостите во два наврати да стигнат до предност.
Нексе не реализираше зицери, но и Вардар не погоди два пати од гол на гол, па пет минути немаше реализација на двете страни. „Црвено-црните“ пак згрешија во нападот, а гостите казнија преку Родин кој даде гол за 17-18.
Ристовски симна уште еден зицер на Нексе, а потоа Чупиќ реализираше од пенал за 18-18. На десетина минути до крајот гостите поведоа со 19-21 и беше јасно дека ќе се оди по жица.
Јагањац искористи едно невнимание кај вардарци и зголеми на 20-23, а Јагуриновски не успеа да погоди по тајм-аутот на Алушовски. Беше 22-24 со мини серијата од два гола на Вардар, пред Нексе пак да згреши.
Валчак изнуди пенал кој го реализираше Чупиќ за 23-24 и драма во последните две минути. Јагањац погоди за 23-25, а Валчак врати на минус еден. Уште еднаш истите двајца стрелаа за 25-26 и останаа шест секунди до крајот, а Нексе не погоди и Вардар се пласираше на завршниот турнир.
Најдобри стрелци кај Вардар беа Дисингер и Чупиќ со по пет гола, а кај Нексе се истакнаа Јагањац со шест и Пешиќ со пет гола. Завршниот турнир во СЕХА ќе се игра во салата „Вишник“ во Задар од 4 до 6 септември.