Тимот на Радовиш славеше во интересен и неизвесен натпревар до самиот крај против составот на Струга со 26-24. Иако можеаа многу порано да го решат победникот, сепак, избраниците на Љупче Мијалов дури во последната минута можеа да бидат сигурно дека бодовите остануваат дома.
Во првите петнаесетина минути се играше гол за гол, до 7-7, пред стружани први да се одлепат на предност поголема од еден гол, 7-9. Радовишани преку Долдуров израмнија на 9-9, а до крајот на првиот дел успеаја и да поведат со плус три 14-11. Новото засилување на Струга, Вукашин Ракоција, се погрижи за минус два на пауза, откако погоди за 14-12.
На стартот на вториот дел Радовиш ја одржуваше разликата, но во 40 минута, по неколку интервенции во серија на голманот Јовановски, Струга израмни на 16-16. Гостите водеа со 19-20, но потоа не успеваа на два пати да го совладаат голманот Паунов и радовишани со серија од три гола имаа водство од 22-20.
Органиџиев погоди од тешка позиција за 23-20 на осум минути до крајот, a беше и 24-21. Стружани имаа шанса за реми, но Илиевски промаши контра и беа казнети за 25-23. Избраниците на Наум Танески згрешија уште една во последната минута, но и Радовиш не беше активен, па топката им беше одземена.
Рајатовски на дваесетина секунди до крајот даде гол за 25-24, но Ивица Илиев ја запечати победата на Радовиш, четврта оваа сезона.