Тимот на Јуниор КВ иако водеше со плус два во финишот на натпреварот кај Прилеп, 24-22, сепак испушти победа и дозволи домашните ракометари да израмнат во последната секунда и мечот заврши 24-24.
Во првиот дел најчесто се играше гол за гол, иако прилепчани во еден моменти имаа и плус три, 10-7. Но Симоноски, Печенковски и Ристовски израмнија на 10-10, а на пауза беше 11-11.
Во второто полувреме одново домашните ја имаа предноста од три гола, 19-16, но гостите од Кисела Вода беа упорни и не се откажуваа од позитивен резултат на тешкото гостување во Прилеп.
Полека ја топеа негативата момците на Печенковски и на десетина минути до крајот израмнија на 20-20. Во финишот Јуниор КВ водеше со 24-22, но пропушти неколку напади да го реши победникот.
Затоа домашните преку Шокоски, а во последната секунда и Бикоски се погрижија за реми и бод за Прилеп, кој и следната сезона е блиску да игра во суперлигашкото друштво, а Јуниор КВ ќе ја продолжи трката за бараж со Вардар Неготино.
Давор Шокоски постигна 13 гола за домашните, а осум гола за гостите постигна Дарио Симоноски. Прилеп сега е петти на табелата со 21 бод, Вардар Неготино е шести со 16, додека Јуниор КВ останува на седмата позиција со 15 бодови.