На денешните средби од осминафиналето од Лигата на шампионите во најинтересниот натпревар составот на Будуќност дојде до победа против ФТЦ Раил Карго со 22:19, додека највисокиот триумф го имаше екипата на Ѓер против Битигхајм со убедливи 37:20.
Во Подгорица, тимот на Будуќност во неизвесна завршница беше подобар од ФТЦ Раил Карго со три разлика, 22:19. Во натпревар со голем број на технички грешки и постојано менување на водството на двете страни, Будуќност беше успеа да ги добие завршните минути и на реванш средбата во Будимпешта на 14 март ќе се обиде да стигне до пласман во четврт-финалето. Будуќност беше предводен од Јованка Радичевиќ со седум голови, додека во гостинската екипа од Будимпешта, Белк Емили постигна пет.
Ракометарките на Ѓер уште од самиот почеток имаа водство од 10:2 и до крајот го зголемуваа водството за највисоки 17 разлика. Ѓер во убедливата победа беше предводен од Вероника Кристијансен и Анита Гербиц со шест голови. Во составот на Битигхајм се истакна Јулија Мајдхоф исто така со шест погодоци. На реванш средбата закажана за 13 март во Ѓер, унгарскиот шампион ќе има лесен тренинг пред четврт-финалните натпревари.
Квалитетен натпревар се одигра во Данска меѓу Есбјерг и Брест Бретањ. Поуспешен во дуелот беше францускиот тим со резултат 33:27. Иако Брест Бретањ имаше водство од 17:16, во вториот дел домашната екипа преку Јакобсен, Солберг и Пена се врати целосно во игра и го презеде водството. Во последните 15 минути, Брест Бретањ, не дозволи изненадување и со добра одбрана стигна до психолошка предност пред реванш натпреварот закажан за 14 март во Бретањ. Во составот на Брест Бретањ стандардно најефикасна беше Ана Грос со десет голови, а во домашната екипа солидна партија одигра Нереа Пена со девет голови.
Неизвесно беше во Икаст каде на неутралниот терен Одензе триумфираше против Вајперс Кристијансад со 36:35, иако во текот на целата средба двете екипи имаа предност од два до три голa. Одензе беше предводен од Луис Абинг со девет погодоци од девет шута. На спротивната страна незапирлива беше Рајштад со десет погодоци. Реванш средбата ќе се игра на 14 март во Одензе.