Екипата на Струга го запиша првиот триумф во плеј-аут фазата во Суперлигата, откако на гостувањето кај Вардар Неготино со голот на Тодор Јанкуловски прослави победа од 26:25, во натпревар од 5. коло.
Стружани во натпреварот влегоа во грч и за првиот гол чекаа цели пет минути. За тоа време, домаќинот постигна два гола и поведе со 2:0. Еден од најдобрите стрелци во тимот на Струга, Ненад Костоски со гол од контра намали на 2:1. Гостите на конто на одбраните на Рикановиќ врзаа два гола во низа и во 10 минута стигнаа до израмнување, 3:3.
Вардар Неготино пет минути беше без реализација и по десетина минути со третиот гол на Кузманов повторно дојде до предност, поведе со 4:3. Иако во еден момент домашниот тим имаше двајца исклучени играчи, тоа не беше искористено од страна на гостите, кои само намалија на 4:4.
Откако беше 5:5, гостите предводени од искусниот Бугариновиќ најпрво поведоа со 6:5, потоа дојдоа и до позитива од два гола разлика, 7:5. Од 20 минута, па се до крајот на првиот дел, подобриот на терен беше гостинскиот тим.
Струга во последните десет минути од првиот дел успеа да ги постави највисоките три гола разлика, 10:7 и пред самиот финиш од полувремето му дозволи на домаќинот да се врати во игра. Избраниците на Танески не ја задржаа предноста од ,,плус три” и на полувреме заминаа со минимално водство од 13:12.
Продолжението донесе интересна борба, изедначувања и многу пресврти. По водството на Струга од 15:13, домаќините со серија од 3:0 ја вратија предноста во свои раце, победувајќи со 16:15. На серијата од три гола на домаќините, гостите возвратија со 2:0 и во 40 минута имаа 17:16.
Ниту една од двете екипи никако не можеше да направи поголема разлика од два гола и резултатот во 45 минута беше нерешен, 19:19. На осум минути пред крајот, на семафорот стоеше 22:22 и само нијанси одлучуваа за исходот од денешниот дуел во Неготино.
Избраниците на Танески имаа 24:22 на пет минути пред крајот, но домаќинот не се предаваше, изрмани на 24:24 во последната минута. Струга преку Маркоски реализираше за 25:24, а домаќините на триесетина секунди преку Адамовиќ дојдоа до 25:25. За гостите останаа нешто повеќе од дваесетина секунди, во кои Тодор Јанкуловски со својот прв гол во последната секунда му го донесе првиот триумф на својот тим во плеј-аут фазата.
Најефикасен во победничката екипа беше Петар Бугариновиќ со девет гола, пет додаде Никола Цветаноски, четири реализации имаше Петар Маркоски. Кај Вардар Неготино се истакна Лазар Адамовиќ со десет погодоци.