Ракометарите на Пролет забележаа нова победа во Суперлигата откако во драматичен натпревар успеаја да слават над незгодниот и борбен Охрид со минимални 25-24.
Охриѓани водеа со 2-3, пред избраниците на Андон Бошковски со три гола во серија да поведат со 5-3. Гостите израмнија на 5-5 и до крајот на првиот дел со неколку грешки на двете страни се играше гол за гол до 11-11, резултат со кој се замина на пауза.
Вториот дел започна исто како што заврши првиот, но како одминуваше времето така Пролет започна да ја презема контролата на мечот и за првпат на петнаесетина минути до крајот стигна до плус три, 20-17.
Беше и 21-18, а Охрид намали на 21-19. Имаа гостите и шанса за минус еден, но погрешија во нападот, а истото го сторија и домаќините. Црногорскиот двоец кај охриѓани беше заслужен за следниот гол, Брауновиќ одбрани, а Кривокапиќ реализираше за 21-20 кога имаше да се игра уште осум минути.
Брауновиќ и Петковски по еден удар во следните акции, па немаше промена на резултатот. Во продолжение се играше гол за гол и на три минути до крајот се навестуваше драма. Сепак Голубовиќ стрелаше за 24-22, а охриѓани не реализираа во следниот напад.
Петковски одбрани уште еден напад на Охрид, но неговите соиграчи згрешија и на 60 секунди до крајот беше 24-23. Бошковски викна тајм-аут, а Пецаковски погоди за 25-23. Набрзина возвратија гостите за минус еден, но Пролет ја задржа топката и триумфот остана за домашните.