Ракометарите на Тиквеш по победата над Еурофарм Пелистер 2 во Битола, не успеаја да забележат втор триумф во серија во Суперлигата. Иако беше пред пораз и губеше со минус пет, тимот на Прилеп со гол од слободен удар по истекот на времето, успеа да стигне до голем бод, 25-25.
По почетните 4-1 и 7-3 за избраниците на прилепчанецот на клупата на кавадарчани, Томе Петрески, веројатно домаќините помислија дека ќе биде лесно понатаму, но не беше така.
Прилеп, кој остана без Чурлевски, а не играше ниту Андоновски, се врати на гол негатива, 10-9, 11-10, но на пауза со голот на екс играчот на Прилеп, Јане Јанчев, Тиквеш стигна до плус два, 12-10.
Во првите десетина минути од вториот дел се играше слично како во финишот на вториот дел, со тоа што прилепчани стигнаа на два пати до израмнување. Сепак голманот на Тиквеш, Марјан Велков запре три пенали, а неговите соиграчи реализираа во нападот и кавадарчани стигнаа до плус пет, 19-14.
Кавадарчани се опуштија, немаа идеја во нападот, и како одминуваше времето, прилепчани се враќаа во мечот. По 24-20 за домашните, избраниците на Горан Кузманоски намалија на 24-23. Тиквеш поведе со 25-23, имаше и напад при водство од 25-24, но не го реализираше.
Останаа триесетина секунди во кои прилепчани не погодија, но имаше фаул и остана да се изведе удар од девет метри по истекот на времето. Десниот бек Гавашелишвили стрелаше преку „живиот ѕид“ во голот на Велков за голем бод од Кавадарци, 25-25.
Во домашниот тим Јанчев даде шест гола, а Медиќ пет, додека во тимот на Прилеп, Чантурија и Шокоски стрелаа по пет пати во голот на кавадарчани.