Екипите на Младост и Тиквеш одиграа цврст и борбен натпревар во плеј-аутот од Супер лигата. После голема драма во во завршницата составот од Кавадарци ги освои бодовите на тешкото гостување со минимална победа од 21:22.
На отварањето на натпреварот долго стоеше почетниот резултат, дури во петата минута Младост го постигна првиот гол од седмерец. Неефикасната игра продолжи и во следниот период, Тиквеш првиот гол го постигна дури во 13. минута.
Се играше израмнето до финишот на првиот дел кога домашниот тим подобро се снајде и обезбеди водство на полувреме. Во првите 30 минути и двете екипи тешко постигнуваа голови па на полувреме беше само 8:6 за Младост.
Тимот од Богданци го одржуваше водството од првиот дел се до последниот дел од второто полувреме кога Тиквеш успеа да стигне до израмнување на 19:19. Финишот беше максимално драматичен. Младост на 30 секунди до крај имаше тајм аут и напад, но направија техничка грешка која Тиквеш ја казни преку Кондев и ја однесе победата.
После две победи во првите две кола екипата на Младост го доживеа првиот пораз во плеј-аутот додека составот на Тиквеш го задржа максималниот ефект и остана на врвот на табелата.