По премиерната победа над финскиот Кокс, ракометарите на Еурофарм Работник го забележаа вториот триумф во Лигата на шампионите, откако во Битола го совладаа шведскиот тим Савехоф со минимални 32-31.
Гостите водеа на стартот со 1-2, но потоа тргна серијата на домаќините од четири голови по ред, па Еурофарм водеше со 5-2. Момците на Стевче Алушовски имаа предност и од 7-3, што беше причина за гостинскиот тренер да побара тајм-аут.
Савехоф набрзина се врати во игра на 7-6, а потоа шведскиот тим беше во егал 8-8. Еурофарм пак се одлепи на 12-9, но истата приказна од претходнитенатпревари се повтори и лесно ја загубија предноста.
Швеѓаните израмнија на 12-12, но потоа до крајот на полувремето не постигнаа ниту едне погодок, а за тоа најголеми заслуги има Никола Митревски. Еурофарм Работник за разлика од гостите погоди шест пати и има комотно водство од 18-12.
Како одминуваше вториот дел, така Савехоф се враќаше од негативата, па на десетина минути до крајот стигна до минус еден 26-25. Радовиќ зголеми на плус два, но Швеѓаните беа упорни и во 52.минута беше 27-27. На три минути до крајот пак мораше се од нула, 29-29, иако битолчани имаа плус два претходно, 29-27.
Пропуштија домашните со играч плус да зголемат пак на плус два, па Савехоф на 90 секунди до крај израмни на 30-30. Возбудувањата продолжија до крајот, беше 31-31, а за Еурофарм останаа уште неколку секунди за акција.
Во последната секунда биеше Радовиќ и погоди за голема радост на битолската публика и втора победа во ЛШ. Најдобри стрелци во битолскиот тим беа Острушко, Радовиќ и Јотиќ со по шест голови, додека кај Савехоф се истакна Богојевиќ содевет. Следна обврска за битолчани во Лигата на шампионите ќе биде гостувањето кај финскиот Кокс веќе в среда.