Ракометарите на Металург РА во неизвесен натпревар триумфираа против тимот на Аеродром, со резултат 25:24, во рамки од 13. коло од Првата лига. Првиот меѓусебен дуел меѓу двете екипи заврши со убедлива победа на Аеродром од 38:31.
Дуелот, кој беше одигран во спортската сала ,,Автокоманда” започна со борбена игра на двете страни. Аеродром беше екипата, која во најголемиот дел од првото полувреме имаше предност, но без голема комоција во играта. Металург РА во неколку наврати во првиот дел беше во водство, во еден момент имаше и два гола позитива (9:7), а избраниците на Петровски пред крајот на полувремето го вратија водството во свои раце.
Откако Металург РА водеше со 10:9, тимот на Аеродром со два гола во низа за момент успеа да воспостави контрола, поведе со 11:10. Во борбата гол за гол, резултатот по 30 минути игра беше нерешен, 12:12. Тука беше јасно дека само нијанси ќе одлучуваат за епилогот од денешната средба.
Во продолжението, односно до 40 минута, резултатот најчесто беше нерешен. Тимот на Металург РА кон средината на последниот дел направи голем исчекор, кој се покажа како клучен за триумфот. Екипата на Металург РА чекор по чекор градеше солидна предност, во 45 минута дојде до 22:18 и до крајот не дозволи ,,домаќините” да направак камбек, иако имаа шанси целосно да се вратат во игра и да се изборат за барем бод.
По водството на Металург РА од 25:22, избраниците на Петровски со погодоците на Митревски и Олтовски намалија на 25:24 во 58 минута. Аеродром двапати по ред промаши за изедначување на резултатот, па така тимот на Металург РА го прослави седмиот триумф во прволигашката конкуренција.
Најефикасен во победничката екипа беше Виктор Крстевски со седум погодоци. Во поразениот табор стрелците ги предводеше Давид Олтовски со шест реализации.