Тимот на Металург славеше во драматичен натпревар против Тиквеш од Кавадарци со 28-27, откако во последните секунди погоди Велко Маркоски за голем триумф на домашните кој ги остава во игра за плеј-оф.
Гостите од Кавадарци ја имаа контролата во поголемиот дел од првото полувреме. Тие најчесто водеа со еден или два гола разлика. По 10-10 во финишот три гола по ред даде крилото Рибеиро и еден Хорват од пенал за 14-10. Тиквеш до паузата намали на 14-11.
На стартот на вториот дел избраниците на Иве Марковски стигнаа до највисоки плус пет, 19-14, но во продолжение паднаа во темпото кое сами го наметнаа. Тиквеш со серија од четири гола се доближи на само минус еден, 19-18 и најави возбудувања.
Металурзи погрешија два пати по ред, па следуваше казна и кавадарчани преку Јанчев израмнија на 19-19. Истиот играч имаше шанса да му донесе водство на Тиквеш, но не погоди, па Металург ја врати минималната предност на своја страна.
Во продолжение домашните стигнаа до плус три, 23-20, но немаа идеја во следните напади и Тиквеш повторно се врати во мечот со три гола по ред, 23-23. Во последните пет минути се играше гол за гол.
Хорват реализираше за 27-26 кога почна да тече последната минута, но Темелкоски погоди на дваесетина секунди до крајот за 27-27. Марковски викна тајм-аут, Металург организираше акција која заврши со убав погодок на дефанзивецот Маркоски за конечни 28-27.
Најдобар стрелец кај Металург беше Златко Хорват со 11 гола, додека по шест пати погодија крилата Петковски и Рибеиро. Кај кавадарчани, по пет пати стрелаа Дрогришки, Симиќ и Темелкоски.