Драма, возбудувања и реми: Радовиш се радува на бод против Вардар Неготино

Во егал натпревар по многу возбудувања, одлични одбрани и многу технички грешки Радовиш и Вардар Неготино ремизираа на 21-21 (11-10) во борбата за опстанок во македонската Суперлига.

Гостинските ракометари од Неготино имаа предност речиси во текот на целиот натпревар, но потфрлија во клучните моменти и Радовиш заслужено заработи бод од овој дуел. Искусните голмани на двете екипи, Паунов и Ангелов само ја надополнуваа играта во одбраната на двете екипи кои одлучуваа за конечниот резултат на овој дуел без победник.

Гостите од Неготино уште од самиот почеток ја преземаа иницијативата и контролата над резултатот. После минималните 2-1 за домаќините ја осигураа предноста и го диктираа темпото. По воведните минути кога двете екипи беа во егал, на истекот на десеттата минута Вардар Неготино со низа од четри погодоци создаде посериозно водство која ја одржуваше до крајот на првиот дел. Ракометарите на Радовиш имаа задоцнет финиш и по дваесет и четири минути успеаа да го израмнат резултатот, но Вардар Неготино преку Адамовиќ на пауза замина со гол предност, 11-10.

Вториот дел продолжи со изедначена игра и резултатска неизвесност. Радовиш бргу го израмани резултатот, а во егал игра секоја грешка на противникот и одбранет удар значеше многу. Така на истекот на 39. минута Радовиш преку Вјешица ја врати минималната предност и го направи повозбудлив овој дуел.

Во средината на второто полувреме Радовиш направи неколку технички грешки кои гостите од Неготино ги искористија за да вратат разликата од „плус два“  (16-14). Но домашните ракометари не се предадоа, серија добри одбрани и грешки го насочија дуелот во неизвесна и интересна завршница.

На седум минути до крајот Радовиш повторно ја врати минималната предност при резултат 19-18, а на спротивната страна Вардар Неготино бргу возврати. Популарниот „Диви“ беше во свој елемент, одбрани седмерец за Радовиш, а на спротивната страна со иста мера возврати Паунов по обидот на Адамовиќ од пенал линијата. Во последните пет минути голманот на Вардар Неготино Ацев успеа да одбрани обид на домашните од чиста ситуација за гол, а тоа го искористија неговите соиграчи да ја вратат минималната предност во своја корист.

Во последната минута од натпреварот, Радовиш направи грешка во својот напад и им овозможи на гостите шанса за два гола разлика, но наместо мирен напад Вардар Неготино се реваншираше со техничка грешка. Во трка со времето Радовиш се обиде од бековска позиција да го израмни резултатот, Петар Ангелов успеа да одбрани но одбиената топка дојде во рацете на крилото Јорданов кој успешно реализираше за израмнување и поставување на конечните 21-21.

Најпрецизен на теренот беше Адамовиќ со 13 голови за Вардар Неготино, а Ташев и Кузманов постигнаа по 3. Кај домашните ракометари најпрецизен беше Вјештица со 8 гола, а Ончев се запиша три пати во листата на стрелците за Радовиш.

На табелата во плеј-аут делот на националното првенство, Радовиш останува во зоната за испаѓање сега со два бода повеќе од последнопласираниот Јуниор, додека Вардар Неготино му се приклучи на врвот каде лидер е екипата на Скопје.