Во изедначен натпревар на два рамноправни противника ППД Загреб на домашен терен загуби од романскиот првак Динамо Букурешт со 29-28 (15-16) во рамките на 6.коло од Лигата на шампионите. ППД Загреб водеше во текот на целиот натпревар, дури во 53. минута Динамо го израмни за прв пат резултатот, а голот на Акименко во 60.минута со кој победи Динамо беше првото водство на гостинските ракометари на овој дуел
Уште на самиот почеток Дибиров ги доведе домаќините во предност од два погодока, а лошата реализација, агресивните одбрани и добрите голмански интервенции му одеа во прилог на минималното водство на хрватскиот првак. Разликата не надмина „плус три“, а во средина на натпреварот гостите од Романија намалија на само еден гол, но ниту еднаш не успеаа да го изедначат резултатот иако имаа неколку шанси. Агресивните одбрани на почетокот на натпреварот донесоа пет исклучувања па по првите 10 минути полесно се завршуваа нападите на обете страни, секоја пречка, промашен удар или грешка го менуваше балансот на силите, а со звукот на сирената Кашпарек постигна атрактивен гол и Динамо Букурешт на полувреме замина само со гол негатива, 16-15.
Почетокот на второто полувреме му припадна на ППД Загреб, за кратко време ја крена летвичката на максимална предност кога Срна постигна гол 20-15, во 35. минута. Наместо да го одведат натпреварот во рутинирана завршница, искусните ракометари на Загреб правеа несвојствени грешки, во тоа секако придонесе и агресивната и динамична 6-0 одбраната на Романците. До 40. минута ракометарите на Динамо ја преполовија предноста на домаќините (21-19 Акименко), токму во тој период сите натпревари ги завршуваа од десната страна преку Гурбиндо или Акименко. Средината на второто полувреме беше реприза на финишот на првиот дел, Динамо успеа да дојде до само гол негатива(23-24,49′). Благодарение на алжирскиот голман Гедбан, кој застана на голот на Динамо во второто полувреме, романскиот првак во 53. минута преку Али Зеин го израмни резултатот за прв пат на овој натпревар(24-24). Тренерот на Загреб, Ивица Обрван мораше веднаш да побара тајм-аут, а во игра потоа го врати најрасположениот ракометар, Срна која ја врати предноста кај Загреб. Словенечкиот голман Пантјар кој исто како Гедбан влезе во второто полувреме, го одбрани ударот на Акименко, а Чавар беше прецизен од пенал-линијата по трет пат, па Загреб создаде на два гола предност.
Но токму во финишот на дуелот започнаа возбудувањата, две грешки во нападот на Загреб, исклучувањето на Муса и натпреварот повторно беше израмнет на 26-26 само на три минути до крајот. По фаулот над Дибиров, Чавар беше прецизен од пенал удар, Акименко возврати, а во следниот напад фантастичниот Дибиров го матираше Гедбан. Зеин на раб на пробивање го постигна својот втор погодок, а обидот на Граховац значеше девета одбрана за алжирскиот репрезентативец. Тоа им го донесе првиот напад за предност на само дваесетина секунди до крајот. По тајм-аутот за Пасквал, пивотот на Динамо беше фаулиран во просторот за шест метри. Времето за игра истече, а мирната рака на украинскиот крилен ракометар Акименко им донесе прво водство на овој дуел за победнички 28-29.
Тимур Дибиров повторно ја покажа својата класа, го влечеше Загреб кога беше најпотребно и постигна 8 голови(пет во првиот дел), а Срна покажа дека повредата е зад него и беше прв стрелец заедно со Дибиров и постигна 8 голови. Кај Динамо Букурешт, Негру постигна 7 погодоци, а Акименко 6 голови.
По шест одиграни кола во групата Б ППД Загреб не успеа да влезе меѓу шестте екипи кои одат во следната фаза на сметка на Динамо Букурешт. Романците остануваат на шестата позиција со два бод повеќе од ППД Загреб.