Тимот на Делчево, кој оваа сезона се врати во прволигашката конкуренција, славеше во првото коло над составот на Македонија Ѓорче Петров со 32-34. Овој натпревар беше прв од турнирот во групата А што се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Условно домашниот тим на овој дуел, Македонија Ѓорче Петров, прв стигна до висока предност, 8-4, но Делчево го преживеа првиот налет и се врати во игра, па поведе со 10-12. Сепак на пауза избраниците на Џевад Равмановски успеаја да стигнат до плус два, 15-13.
Во вториот дел ѓорчевци имаа стандардна предност од еден од три погодоци, а последен пат тоа беше на петнаесетина минути до крајот кога беше 24-21. Делчево стигна да израмни на 24-24, а потоа се играше гол за гол, пред момците на Гоце Стоиловски да направат комплетен пресврт и да поведат со 28-31 во последните пет минути.
Но и Македонија ЃП не се предаде. Никодиновски и Неделковски намалија на 30-31, беше и 32-33 во последната минута кога погоди повторно Никодиновски. Сите дилеми околу победникот ги расчисти Ѓоргиевски кој го погоди првиот пенал за Делчево во последните секунди за конечен триумф 32-34.
Најдобри стрелци во составот на Делчево беа Мирче Ѓорѓиев со 12 голови, додека по седум постигнаа Гоце и Илчо Ѓоргиевски. Кај Македонија Ѓорче Петров се истакнаа Боби Неделковски со осум и Иван Никодиновски со шест погодоци.