Драмата во Штип со хепи-енд за домаќинот!

Екипата на Текстилец ја оствари четвртата победа во годинешната сезона во Првата лига, откако на свој терен беше подобар од дебитантот Овче Поле со 28:26 (16:11). Домаќините предводени од Васе Петров, кој беше незадржлив на теренот во најголемиот дел од натпреварот беа во водство и заслужено ги освоија новите бода на свое конто.

Гостинската екипа од Свети Николе успеа во првиот дел да им парира на домаќините 10 до 15 минути и во преостанатиот дел од првото полувреме главни на теренот беа ракометарите на Атанасов. Во воведниот дел се играше израмнето, односно голема борба имаше до 5:5, потоа домашниот тим започна да се одлепува, поведе со 11:7, имаше и плус шест гола разлика 16:10 и на полувреме замина со водство од 16:11.

Овче Поле во второто полувреме се врати во игра и преку најекспонираните Крстев и Даскалов намали на 17:16. Тука почна да расте притисокот кај гостинскиот состав за да се одигра најдобро и да се дојде до израмнување, но гостите секогаш кога требаше да израмнат немаа никакво решение во нападот.

Текстилец повторно започна да се одлепува, зголеми на 19:16 и до 55 минута имаше стабилна предност. При водство од 25:20 за Текстилец, избраниците на Ѓорчев со одлична серија од 4:0 повторно дојдоа до минус еден, 25:24. Во финишот и двете екипи мораа добро да одработат и практично решаваше секој напад и една грешка можеше да значи многу.

Домаќините некако успеаја да се консолидираат во клучните моменти и да дојдат до посакуваната цел. До крајот се играше гол за гол, а тимот на Овче Поле во последната минута не успеа да дојде до реализација и да се избори за бод, па во последните секунди домашниот состав преку Димитров ги постави конечните 28:26.

Во победничката екипа само четворица играчи се запишаа во листата на стрелци, а најефикасен беше Васе Петров со 12 погодоци. Кај Овче Поле се истакнаа Димитрија Крстев со десет и Марио Даскалов со седум гола.