Екипата на Текстилец во неизвесен натпревар славеше над Јехона со 32:31 (15:17) во натпревар од 3. коло од Првата лига од групата А. Голот за победа на домаќините го постигна Стојанче Ристов од пенал. За Текстилец ова беше втора победа во новата натпреварувачка сезона во прволигашкото друштво, додека за Јехона денешниот пораз е втор, откако на стартот од сезоната загуби од Кичево.
Дуелот во Штип беше проследен со голема неизвесност и осилации кај двата табора. Во првите 30 минути, домаќините во најголемиот дел од натпреварот беа во водство, но без голема комоција во играта. По нерешениот резултат од 12:12, гостите од Гостивар за првпат поведоа со 13:12 и до крајот на првото полувреме беа подобриот противник на теренот. Јехона на пауза замина со минимална предност од 17:15.
Иако домаќинот во неколку наврати во вториот дел водеше со два до три гола разлика, Јехона никако не дозволуваше Текстилец да замине на поголема резултатска предност и по водството на домаќинот од 29:27 успеа со два гола во низа да дојде до 29:29. Финишот донесе комплетна неизвесност и до последната секунда само нијанси одлучуваа кој ќе ја добие денешната битка.
Откако Јехона израмни на 31:31, домаќините организираа брз напад и успеаја да добијат пенал. Ракометарот на Јехона, Михајло Живкоски беше невнимателен во последните пет секунди и направи груб прекршок, а судиите досудија пенал во корист за домашната екипа. Ристов ја презеде одговорноста во свои раце и со својот осми гол му ја донесе втората победа на Текстилец.
Најефикасни во победничката екипа беа Васе Петров со девет и Стојанче Ристов и Никола Јованов, кои постигнаа по осум гола. Во составот на Јехона листата на стрелци беше предводена од Адис Салиу со девет гола.