Oсум групи за осум истакнати тренери, сегашни и поранешни селектори. Актуелниот селектор на Израел, Драган Ѓукиќ е добро познат стратег во Македонија бидејќи пред повеќе од 15 години во својата тренерска кариера работеше и во редовите на актуелниот шампион на Македонија и двократен освојувач на Лигата на шампионите. Во периодот додека беше на клупата на Вардар, тој беше и селектор на Македонија и добро знае каков беше развојот на репрезентацијата. Ѓукиќ во кариерата беше на клупата на неколку репрезентации. Неговиот тренерски опус ја вклучува Црна Гора, Србија, Македонија, Унгарија, Португалија Израел и Велика Британија. Драган Ѓукиќ за 24Ракомет ја анализира групата Д.
„Winter is coming“ или во превод „Зимата доаѓа“ – е слоганот кој можеби и најсликовито ги опишува сите мои очекувања од претстојното Светско првенство во Шведска и Полска. Не само кога сакам да го предвидам она што можат тимовите од оваа група, туку и каков ќе биде нивниот (евентуален) пат низ Главната фаза, четврфиналето и борбата за медали. Навистина мислам дека овојпат скандинавските репрезентации ќе доминираат во шампионатот, т.е. некои процеси – промените во тимовите ги направија пред сите останати и на подобар начин, се со една цел – подготовка за еден од најголемите Олимписки турнири што се очекува, оној во Париз 2024 година.
Но, како и сите големи патувања се почнува со мали чекори така и ние би тргнале чекор по чекор за подобро запознавање со репрезентациите од оваа група, кои своите натпревари ќе ги играат во салата во Кристијанштад, најмалата од сите девет на кои ќе се играат натпревари од Мундијалот. Изградена е пред 13 години за потребите на СП 2011 година.
Ако зборуваме за фаворити, ќе мора да кажеме репрезентациите во групата се со изедначен квалитет и според традицијата на селекциите, секој дуел ќе биде исклучително интересен и неизвесен до самиот крај. Сепак од некое лично искуство (ги гледав сите три европски селекции во живо во групата во Унгарија лани на ЕП, а ждрепката сега сакаше пак да бидат заедно и место Холандија да биде Јужна Кореја, а во последната недела на ЕХФ пред само два месеца имав прилика и да ја почувстувам силата на Исланд, подоцна ќе образложам зошто сметам дека токму Исланд е фаворит во групата и репрезентација, која далеку ќе заврши на ова првенство, додека Португалија и Унгарија ќе бидат селекциите кои ќе бидат во главната фаза, а Ј.Кореја ќе се натпреварува во Президент купот.
🇮🇸 ИСЛАНД 🇮🇸 „рибарите“ против „хероите на морето“ и „панонските морнари“
Ќе биде ли конечно најголемата ѕвезда на тимот Арон Палмарсон доволно подготвен за едно големо натпреварување? Ова е вистинското прашање за исландскиот тим, откако оваа супер ѕвезда поради повреди или болести немаше настапи на најважните натпревари на претходните шампионати. Завршија на шесто место минатата година во Унгарија, со многу пехови со ковид случаите, а според мене го играа можеби и најдобриот ракомет на тоа првенство. Имаат селектор, кој ги предводеше до најголемите успеси во своите два претходни мандати: сребро на Олимписките игри во Пекинг 2008 и бронза на ЕП 2010 во Австрија – има еден перфектен тим, во кој секогаш има играч „од сенка“ кој ќе блесне.
Со самиот факт дека освен Палмарсон, Гудмунсон има на располагање уште неколку искусни играчи, пред се голманот Гудмунсон и крилата Елисон и Гудјонсон, а секако треба да се внимава и на младиот голман Халгримсон (дел од најдобриот тим од претходното ЕП), како и перфектната бековска линија (СБ) Кристјансон и (ДБ) Магнусон, двајца најдобри играчи на Магдебург и двоец движечка сила на овој тим.
Играат брзо, едноставно, лесно. Играат како колектив и во напад. но и во одбрана и тие се една селекција која најбрзо се прилагодува. Можат да играат и плитки и длабоки системи во одбраната, никогаш не се предаваат и немаат респект кон никој!
Селекторот Гудмундур Гудмунсон (63 години) – повозрасните љубители на ракометот го паметат и како крило на исландската репрезентација (236 настапи) го одработува својот трет мандат на чело на исландскиот национален тим. 2001 година за првпат го презеде кормилото на репрезентацијата и тогаш направи сензација на ЕП 2002 кога Исланд го освои четвртото место и ги предводеше се до 2004 година. Во 2008 година повторно седнува на клупата на репрезентацијата и во кус период ги постигнуваат најголемите резултати во ракометната истрорија на оваа земја. Стигнаа до финалето на Олимписките игри во Пекинг истата година, а потоа во 2010 година освоија бронза на ЕП во Австрија. Ја предводеше репрезентацијата до Олимписките игри 2012 година кога се посветува на клупскиот ракомет. Во периодот од 2014 до 2017 е селектор на Данска, селекција која под негово водство во 2016 станува олимписки првак, а потоа на изненадување на сите го презема Бахреин и со оваа репрезентација игра финале на азиското првенство во 2018 година, кога по третпат се враќа на позицијата селектор на Исланд и таму е до денеска. 12 години во дури 3 мандати секако може да се каже континуитет, а читателите можат сами да се обидат да пронајдат некој сличен пример од некои од нашите средини!
Историја на меѓусебни дуели
Она што е интересно е дека имаат многу дуели против Португалија и дека резултатот бил и за едните и за другите, додека со Унгарија воглавно губеле се до минатата година кога им „наплатија за се“ и во Будимпешта пред 20.000 навивачи како домаќини ги исфрлија од понатамошниот дел од првенството…
🇵🇹 ПОРТУГАЛИЈА 🇵🇹 Херои на морето „одмаздата се сервира студена“
Оваа земја го живее своето најдобро ракометно време! Најголемите клубови не се повеќе само редовни учесници од групната фаза на Лигата на шампионите и Лига Европа, туку почнаа и да освојуваат (сензационален триумф на Бенфика во ланското финале против фаворитот Магдебург). Многу пари се вложуваат во клубовите кои произлегуваат од фудбалските секции и традиционално голем број на квалитетни играчи и тренери од целиот свет кои играат таму, направија да можат да им парираа и на најголемите и добро го прават тоа! Нивниот секако најголем успех е учеството и деветтото место на Олимпискиот турнир во Токио 2021. Полни се со самодоверба, која некогаш преминува и во ароганција (да се потсетиме на најавите на селекторот за медал во Токио), но тоа може да биде најголем проблем, тоа веќе беше минатата година на ЕП. Доколку успеат да го надминат тоа, можат да бидат сериозен ривал на која било селекција, а против Исланд и Унгарија сметаат дека се подготвени да „го возвратат ударот“ за ланската рана елиминација на ЕП. Тактички се зрели (со години играат во ист или сличен систем и во клубовите и во националните селекции!), особено се опасни во игра од прекини и до совршенство се воиграни во играта 7-6. Најголеми ривали можат да бидат самите на себе, со комплексот „виша вредност“.
Шокирани од прераното заминување на одличниот Алфредо Кинтана направи проблем на голот дека уште не го решиле отсуството. Дополнителна вредност треба да дадат младите играчи гладни за афримација и кои бараат афирмација како што се на пр. (ЛБ) Андре Гомеш, фантастичниот летач од Мелсунген како и (П) Фраде од Барселона и (СБ) Мартинс.
Селекторот Пауло Периера (58 година), е на чело на репрезентацијата од 2016 година, наследувајќи го Роланд Фреиташ, кој сега ќе му биде ривал со селекцијата на Јужна Кореја. Претходно ги предводеше женските национални тимови на Ангола и на Тунис, како и Порто – прво како соработник на Покрајац, а потоа и самостојно. Низ овие седум години работа направи систем во кој многу малку нешто се менува, како и во самиот стручен штаб. Генерална проба ќе имаат со три пријателски натпревари, невообичаено на недела дена непосредно пред почетокот на првенството со Норвешка, САД и Бразил.
🇭🇺 УНГАРИЈА 🇭🇺 „ништо не успева како успех“
Ако се споредуваат вложувањата во ракометот и медалите, Унгарија најверојатно би послужила како пример за нешто „несразмерно“. Земја каде овој спорт е на првите страници на дневните весници, секогаш присутен со ТВ преноси, каде се наоѓаат Веспрем, ПИК Сегед (но и Ѓер и Ференцварош) клубови меѓу првите 5 во европскиот ракомет и по вложувања, посета на натпревари, но и по играчки/тренерски кадар,… Земја каде и женскиот репрезентативен ракомет е на врвно ниво (што е можеби случај во само неколку држави), држава домаќин на претходното ЕП, која не ја мина групата, но не направи драматични резови како што многу други најверојатно би направиле, туку направи нови планови и продолжи да вложува…
Таа и таква Унгарија (на шпански погон), според мене се наоѓа во криза на „идентитет“ и најголем проблем за нив е што немаат сопствен стил на игра обидувајќи се цело време нешто да бидат, што никогаш нема да се случи!
За памет на некои од селекциите од нашите простори, дека и најдобрата копија е полоша од кој било оргинал. 6-0 одбрана цврста и висока, но не и подвижна, напад со спори бекови „хаубици“ (Бодо, Анчин), како и доминатниот пикер (Банхиди) и средниот бек (Ханус) и комплетната идеја на нападот се сведува на 2-2 на средината на противничката одбрана. Тоа е се што се знае за нив пред почетокот на Светското. Доколку не успеат нешто да сменат и со похрабар пристап да побараат други комбинации кои ги имаат на пример тандем: Сита/Мате (ако вториот успее да се опорави до почетокот на првенството), тогаш навистина не гледам како можат понатаму од главната фаза на првенството.
Многу добар голмански тандем Миклер/Секељ, Банхиди како еден од најдоминантните пикери на денешницата и Родригез како десно крило веќе подолго време играат во врвна форма.
Селекторот Чема Родригез (43 години) уште од 2019 година е во селекцијата на Унгарија. Дебаклот пред домашната публика го плати сојузниот капитен Гулјаш, кој да бидеме искрени таа функција ја извршуваше фигуративно, додека главниот збор секогаш го имаше Шпанецот. Но, официјално тој сега е дебитант на големите натпреварувања со репрезентација и нема да има повеќе оправдувања за евентуален неуспех. Истовремено ја тренира и Бенфика од Португалија (од 2020 година) и добро го познава ракометот таму и ќе биде интересно да се следи меѓусебниот дуел.
Истрорија на меѓусебни натпревари
Веќе нешто е кажано за дуелите со европските селекции, но треба да се додаде за дуелот со Јужна Кореја. Тие натпревари секогаш биле неизвесни и интересни, но по некое правило Унгарија секогаш завршувала како победник, така да ист епилог треба да се очекува и сега.
🇰🇷 ЈУЖНА КОРЕЈА 🇰🇷 „приказна за заспаниот џин“
Историјата на корејскиот ракомет како да „заспала“ во 90-тите години од минатиот век и го спие својот долг „зимски сон“… Во меѓувреме во овој милениум (некогашната трофејна нација) пропушти дури четири Светски првенства, не беа учесници на последните два Олимписки турнири, а го загубија статусот и на доминантна нација на шампионатите на Азија! Сето тоа беше доволна причина раководството на федерацијата на Јужна Кореја да почне тектонски промени на сите нивоа. Затоа за првпат оваа земја (и женска и машка селекција) е предводена од селектори странци.
Отворањето кон светот е обид да се фати чекор со водечките, ги чини идентидетот, но јас не сум баш сигурен дека тоа е она што ќе им помогне да се вратат, но направен е исчекор и тоа е точка од која нема враќање…
Времето на доминантни поединци – имиња од кои „боли глава“ ѕвезди, па дури и на светско ниво како: Јун – официјално најдобар ракометар на светот 2001 или Канг од 1989 се веќе минато. Јужна Кореја се обидува да игра тимски, прецизно и организирано, да игра брзо и длабоко, но на еден поинаков начин отколку што тоа го правеше порано и да се спротивстави на ривалите со фанатична борбеност.
Не сум сигурен дека имаат сили да им парираат на водечките европски репрезентации, дури сметам дека се и далеку зад нив во многу нешта и дека својата шанса ќе мора да ја бараат во дуелите од Президент купот со репрезентации од нивната „лига“.
Ако во нешто имаат предност тоа е фактот што комплетниот календар на лига натпреварите во целост е подреден на националниот тим, односно не се лимитирани со бројот на денови кога се заедно и ќе биде тешко да ги „скаутирате“ до самото првенство.
Селекторот Роландо Фреиташ (58 години) португалски тренер кој доби шанса да се обиде да имплементора европски стил во една традиционална ракометна земја како Јужна Кореја. Пошироката ракометна јавност го запозна по тоа што се нарекува бум на португалскиот ракомет. Од 2005 до 2012 година беше на чело на младинските селекции на својата земја со која стигна и до финале на ЕП во овие конкуренции. Тоа беше препорака за селектор, па на чело на сениорите беше од 2012 до 2016 година кога успеа да освои злато на Унивезритетските игри 2015 година токму во Јужна Кореја. Од 2018 до 2022 година работеше во Израел како директор на сите национални селекции. Отворен, позитивен, со модерни ракометни разбирања и секогаш подготвен да соработува, сигурно ќе успее да донесе нешто ново во нивната игра. Како и факт дека одлично го познава европскиот ракомет, а посебно португалскиот, што во некоја рака е и предност, но дали тоа ќе биде доволно да се мине групата, не сум баш сигурен…
Историја на меѓусебни дуели
Мислам дека не треба да се навраќам на некои статистики од претходниот период, дека ова е сосема еден поинаков состав на Јужна Кореја и тоа би довело само до забуна.
Наместо заклучок…
Сите ние со нетрпение како и секоја година го чекаме јануари ќе уживаме и овојпат. Не очекува еден навистина интересен шампионат во кој Данска ќе се обиде по третпат во низа да стане светски првак и да биде запишана како прва нација која го остварила тој подвиг во историјата на оваа игра. За репрезентациите од нашите простори, верувам дека сите пет земји учеснички ќе успеат да се изборат за главната фаза, но не сум сигурен дека ќе бидат конкуренти за освојување на медали…Со желба дека сепак грешам во оваа проценка и со уверување дека целата убавина на спортот е токму во непредвидливоста.
Ви посакувам на сите среќни празници и сите заедно да уживаме во врвниот ракомет!