Актуелниот селектор на женската репрезентација на Словенија, Драган Аџиќ, во следните две сезони ќе го предводи најдобриот словенечки клуб, Крим Меркатор. Поранешниот европски шампион преку социјалните мрежи ја потврди двегодишната соработка со искусниот стратег од Црна Гора.
Аџиќ во Крим ќе пристигне на местото на Наталија Дерепаско, која беше главен тренер на екипата од Љубљана по заминувањето на Урош Брегар. За поранешниот тренер на Будуќност, екипата на Крим ќе биде прв интернационален предизвик на клупско ниво. Аџиќ, десет години го предводеше Будуќност, од 2010 до 2020 година.
Поради лошите резултати во Лигата на шампионите поднесе оставка од тренерската функција во Будуќност и во текот на април, минатата година, раководството на ракометниот сојуз на Словенија му ја даде довербата да ја предводи женската репрезентација.
Беше еден од кандидатите да ја преземе Подравка, како и актуелниот шампион на Турција, Кастамону, но новиот тренер на Крим беше целосно решен да се посвети во словенечката репрезентација.