По шест месеци соработка, Драгана Ристова и Куманово се разделија и договорот што беше потпишан минатото лето нема да биде одработен до крај.
Во текот на пролетниот дел од сезоната, клубот ќе има нов предводник, а Ристова ги открива причините за разделбата.
„Ја прекинав соработката со Куманово поради неисплатени обврски кон мене и непрофесионален однос. Раководството направи три различни сценарија зошто се разделуваме, тотално непрофесионални. Јас имав многу мал ростер на ракометарки и неколку повредени, односно само четири ракометарки кои можат да го поднесат притисокот на сениорско натпреварување и млади ракометарки со кои треба многу работа. Моите девојки со неверување ја примија веста дека се разделуваме, јас сум презадоволна од нив бидејќи направивме одлична атмосфера, меѓусебна доверба и соработка. Луѓето од раководството треба да се запрашаат дали ја заслужуваат таа позиција и да размислат за начинот на кој го водат клубот“, вели Ристова за 24Ракомет.
Ристова претхоно долго време работеше во младинските категории на Вардар, а потоа и во сениорската екипа со која имаше одлични резултати.
Куманово се пласираше во разигрувањето за титулата, а со нов тренер ќе стартува на 12 март на домашен терен во натпревар против Овче Поле СУ.