По 11 одиграни натпревари тимот на Јагодина каде брани Петковска е лидер во српскиот шампионат. Амбициите за сезонава на раководството на клубот се непроменети. Одбраната на двојната круна е на прво место за ракометарките на Јагодина. Екипата оваа сезона го освои и Суперкупот во Србија.
Голманката од Македонија, Драгана Петковска, игра одлична сезона во шампионатот на Србија. Моментално го брани голот на актуелниот српски шампион, Јагодина. Со своето стекнато искуство, дел од репрезентативните настапи, а дел од интернационалната кариера во Данска, Петковска созрева како искусен голман меѓу стативите, голман кој може да се пофали со многу колективни и индивидуални награди во својата професионална кариера. Го бранеше голот и на Вардар Јуниор, ЖРК Вардар, Силкеборг и Сондерјиске.
Иако, голем број на играчи во ракометот својата кариера ја започнуваат на најмала возраст, Петковска првите чекори во ракометните води ги прави на својата 12 годишна возраст во Ракометната школа Кастратовиќ.
„Со ракомет започнав да се занимавам кога имав 12 години. Во тој период, како и секое дете имав премногу желби, бев премногу темпераментна, друштвена, сакав фудбал, кошарка, едноставно го сакав спортот. Знаев дека ракометот е правилен избор за мене, па така лесно се определив за овој спорт. Играв за моето основно училиште (ООУ„Наум Наумовски Борче“) на речиси сите школски натпревари и ми одеше навистина одлично“.
При првото појавување на тренинг, Индира Кастратовиќ ја поставува Драгана на голманската позиција. За голманката тоа не претставувало никаков проблем, многу лесно влегува во улогата како голман и постепено собира искуство за големите предизвици кои ја очекуваат за кратко време.
„На почетокот не сакав да бидам голман, но бев поставена уште на првиот тренинг на гол и од тогаш, па сѐ до денес сум на истото место, благодарение на Индира и на мојот татко, кој, е поранешен фудбалер. Тој настапувал за ФК Маџари, ФК Работнички, ФК Силекс, можам да кажам дека го имам неговиот ген за спортот“.
Преку настапите во школата на Кастратовиќ, младата голманка добива шанса да заигра во вториот тим на ЖРК Вардар, односно да биде прв избор на голманската позиција во Вардар Јуниор, клуб кој исто така се натпреваруваше во Супер лигата на Македонија и во својот тим имаше неколку репрезентативки на Македонија, како и ракометарки од Русија. По одличните изданија за втората екипа, во 2014 година добива повик да биде трета голманка во ЖРК Вардар.
„Секогаш се сеќавам на моментот кога добив повик да настапувам за ЖРК Вардар. Бев млада и доста талентирана, ја сакав мојата позиција, работев премногу и го посветував целото внимание на себе. Ракометот ми беше на прво место. Работата со мојот тренерски голман, Александар Царчев, донесе успех. Нашата цел беше да заиграм во првиот тим на Вардар. Секој натпревар имав фантастични одбрани, така дојде и повикот да бидам дел од големиот и моќен тим на Вардар. Да се биде во таков круг на големи ракометни имиња е сон на секој спортист. Поготово јас ја имав таа чест да бидам дел од најдобрите и да учам од нив“.
Петковска во тимот на Индира Кастратовиќ ќе настапува две сезони, 2014/15 и 2015/16. Во тој период е во друштво со Ина Суслина и Амандин Лејно на голманската позиција. Советите од двете легендарни ракометарки кои имаат освоено голем број на медали со своите репрезентации, играат голема улога во развојот на нејзината кариера.
„Ина Суслина и Амандин Лејно, тоа се две големи имиња во ракометот, Две голманки со различен стил на бранење. Секој тренинг учев нешто ново на голот од нив, едвај го чекав тренингот. Ми посветуваа внимание, се работеше напорно, и нормално дека имавме успех. Навистина можам да кажам дека има доста работи и навики што ги научив од нив, дел од тие работи и навики ги практикувам денес. Добив шанса да бранам на дел од натпреварите од Лигата на шампионите, тоа за мене беше плус искуство“.
Во 2015 година, женската репрезентација на Македонија до 19 години учествуваше на Европското првенство во Шпанија. Во конкуренција на 16 репрезентации, Македонија завршува на 15. позиција. Во разигрувањето за пласман од 9-16 место, репрезентацијата на Македонија е поразена од Србија со резултат 28:21. На тој натпревар зад името на Петковска беа запишани 15 одбрани и сосема заслужено ја добива наградата за најдобар поединец од редовите на својата репрезентација.
„На Европското првенство 2015 година бевме добра генерација, генерацијата 96/97. Имавме добра енергија и резултати. Тоа првенство ми е многу драго бидејќи на секој натпревар се боревме до последната секунда. Можевме да направиме и подобар пласман и повисок успех. Сепак, за нас беше многу важно што учествувавме на Европското првенство. Индивидуалното признание кое го добив по натпреварот со Србија беше многу важно за мојата самодоверба. На некој начин тоа претставува награда за мојот вложен труд“.
25-годишната голманка од самите почетоци работеше со истакнати тренери како Индира и Зоран Кастратовиќ, Билјана Пецевска и Љиљана Марковиќ. Истакнува дека сите нејзини поранешни тренери од Македонија се строги по својот карактер, но различни спрема начинот на своето работење.
„Ја имав таа среќа да работам со тренери што биле успешни во спортот и што многу добро го познаваат ракометот. Од сите тренери (Индира, Зоран, Билјана и Љиљана) научив се што треба да знае еден успешен спортист и како да се однесува на самиот терен и во спортскиот живот. Тука спаѓа самата спортска култура на терен и дисциплина. Сите си имаат различен начин во водењето на своите тренинзи, но секогаш целта била да го сакаме ракометот, да уживаме во тоа што го правиме и дека со многу работа и желба може да постигнеме голем успех. Толеранцијата кај сите наведени тренери воопшто не постоеше. Пред тренинг моравме сите играчи да доаѓаме 30-40 минути порано“.
Во 2018 година започнува нејзината прва интернационална кариера кога пристигнува во Данска и потпишува договор со Силкеборг. Нејзината нова екипа игра солидна сезона, завршува на 7. позиција во најсилното натпреварување во Данска, веднаш зад поранешниот европски шампион, Виборг. Со нејзиното ангажирање во Силкеборг, таа се вбројува во малиот број на Македонки кои играле во Данска (Клара Боева, Валентина Радуловиќ, Љубица Георгиевска Хансен, Викторија Мурговска, Сара Митова…).
„Дански Силкеборг беше првиот мој клуб надвор од Македонија. Тоа беше еден голем чекор и предизвик во мојата кариера. На почетокот кога пристигнав во Данска, едноставно не знаев каде одам и што да правам, но сега можам да кажам дека повторно би се вратила таму да играм (секако, доколку имам прилика). Имав одлична сезона, екипата играше во Првата лига, завршивме на 7. позиција на крајот од првенството. Данска е број еден во ракометот. Данците се професионални во секој поглед, се работи професионално во секоја екипа без разлика во која лига настапува екипата и имаш апсолутно се што треба да има еден спортист во неговата кариера. Мислам дека не секој може да издржи во таа скандинавска и ладна клима. Јас бидејќи сакав да останам таму, зедов да го учам данскиот јазик. За мене беше многу лесно, ги сакам многу земјите од Скандинавија, имаат преубави места, природа, чист воздух и уживав во секој ден при мојот престој во Данска“.
По успешната полусезона во Силкеборг, Петковска одлучува да остане во Данска, но овој пат во друга екипа, а тоа е Сондерјиске. Таму ќе игра со уште една ракометарка од Македонија, Сара Митова. Во екипата на Сондерјиске ќе настапува до мај, 2020 година. Во тој период брани во стандардна форма и на многу натпревари е клучна фигура во својот тим. По завршувањето на договорот со Сондерјиске, Петковска останува без клуб, поради тоа и без репрезентативен повик за бараж натпреварите на репрезентацијата на Македонија за Светското првенство во Шпанија. Голманката од Македонија доаѓа до договор со Фуксе Берлин, таму ги поминува припремите на екипата и учествува на пријателски натпревари. Сепак, проблемите со документите во Германија ќе бидат причина да си замине и својата кариера да ја гради на некое друго место.
„Поминав две одлични сезони во Сондерјиске. Таму продолжив со одличните настапи и заедно со екипата имавме добри резултати. Добив многу награди во тие две сезони, на голем број натпревари бев прогласена за најдобар играч. Имав максимална поддршка од страна на клубот, колешките и публиката. Короната си го направи своето, бев во постојан тренанжен процес и чекав добра шанса и прилика. Во месец јули имав мала авантура, заминав во Германија и потпишав за Фуксе Берлин, тим со големи амбиции. Ги поминав припремите на екипата, одигравме доста турнири и пријателски натпревари. Имав проблем со документите, требаше да чекам пет месеци, па така решив да си заминам од клубот и да потпишам за српскиот шампион, Јагодина“.
Пред почетокот на оваа сезона потпишува за Јагодина која по 11 одиграни натпревари се наоѓа на лидерското место во српскиот шампионат. Амбициите за оваа сезона на раководството на клубот се непроменети. Одбраната на двојната круна е на прво место за ракометарките на Јагодина. Екипата оваа сезона го освои и Суперкупот во Србија.
„Во Јагодина се адаптирав многу брзо, градот е убав и не ми требаше многу време да започнам со натпревари. Бев одлично прифатена од останатите играчи во екипата. Клубот е актуелен шампион на Србија. Се надевам дека ќе го одбраниме првото место. Српската лига во ниту еден поглед не може да се спореди со лигата од Македонија бидејќи во Србија има многу добри и сериозни екипи кои атакуваат на првата позиција, не е толку аматерска како нашата“.
За ЕХФ неделата, Петковска не се најде на списокот кај селекторот, Љубомир Савевски. Таа раскажува дека секоја одлука на селекторот ја почитува и смета дека репрезентацијата на Македонија има шанси да направи сериозен резултат на Европското првенство 2022 година на кое Македонија е ко-организатор со Словенија и Црна Гора.
„Во репрезентацијата има нова генерација, но тоа не е никаков проблем. Ракометарките треба да се докажуваат и да работат на себе. Едноставно само ќе им фали плус искуство. Секогаш гледам позитивно на работите и мислам дека може да се направи добар резултат на Европското првенство 2022 година. Доколку постои желба, дисциплина и вистинска работа, тогаш успехот ќе биде на дофат. Ја почитувам секоја одлука на секој селектор, тие најдобро знаат што е потребно за една репрезентација“.