Кадетската селекција на Исланд обезбеди место во четвртфиналето на Светското првенство во Македонија. Ова е најголемиот успех што досега во историјата го има остварено женска ракометна репрезентација во било која категорија!
Иако дојдоа како резерва, односно со вајлд-карта од Светската ракометна федерација, досега забележаа три победи и едно реми и се пласираа во четвртфиналето. Токму Македонија беше пречка за Исланд што не обезбеди директно место на СП, откако лани загуби од нашите ракометарки со 27-26 во финалето на ЕХФ шампионатот во Литванија.
Исланѓанките ја имаат најдобрата одбрана на првенство и примаат просечно по 17,5 гола по натпревар.
Арни Стефан Гудјонсон, асистент на селекторот Агуст Тор Јохансон, вели дека на секој натпревар влегуваат со мисла за победа.
„Секогаш влегуваме во натпреварите со мисла за победа, без разлика на ривалот. Немаме тајна за победите, само добра подготовка и големи напори од играчите. Ова е голем предизвик за нашиот млад тим. Сме имале добри состави и во минатото, но ниту еден не играл на ова ниво. Овој Мундијал е важен чекор напред за иднината, бидејќи нивото веќе се подигна“, вели Гудјонсон.
Исланд има само 310.000 жители, па изборот на ракометарки не е голем. Дамите секогаш биле во сенка на машките репрезентации. Сениорите можат да се пофалат со сребро од ОИ во Пекинг 2008 година, како и бронза од ЕП 2010.
„Секако дека сакаме нашата женска репрезентација да биде меѓу најдобрите во светот. Мажите се успешни во последните 20 години и мислам дека за кратко време и нашиот женски тим ќе биде меѓу најдобрите“, заврши Гудјонсон.
Исланд е последен ривал на Македонија во главната рунда на натпреварот што се игра в петок од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Тие се сигурни во четвртфиналето, а на Македонија и треба најмалку бод за да биде сигурна. Со победа нашата селекција ќе биде прво место во групата и сигурен четвртфиналист, додека има комбинации да се пласираме понатаму и со пораз, но тоа ќе зависи од гол разликата со која Шведска би го совладала Иран.