Селекторот на репрезентацијата на Данска, Николај Јакобсен поради операција на коленото не ги предводеше неговите избраници на квалификацискиот натпревар против Швајцарија.
Во интервју за „ТВ2“, Јакобсен го опиша како многу досадно следењето на натпреварот против Швајцарија од хотелската соба и се надева дека тој случај ќе биде последен во неговата селекторска кариера.
„Не беше многу забавно да седам сам во хотелската соба со леден пакет на коленото и да ја следам борбата. Се надевам дека ова беше прв и последен пат да се случи вакво нешто”, изјави Јакобсен.
За натпреварот против Швајцарија, Јакобсен беше подготвен со голем број на технолошки уреди од хотелската соба.
„Можам да кажам дека е многу позабавно да се застане на клупа и да се контролира текот на битката на терен отколку да седите некаде во хотел со компјутер и мобилен телефон во рака”, додаде Јакобсен.
Тој беше во контакт со тренерот на голманите на клупата преку телефонски пораки за време на натпреварот против Швајцарците.
„Во текот на второто полувреме, му испратив неколку пораки на тренерот на голманите на клупата. Но, не затоа што беа потребни поголеми прилагодувања на играта. Мислам дека мојот асистент направи неколку навистина добри потези на натпреварот”, заврши Јакобсен.
Данскиот стратег се врати на репрезентативната клупа за дуелот со Финска, кој Данците го добија убедливо. Од квалификациската група 7, Данска и Македонија обезбедија настап на Европското првенство во Унгарија и Словачка.