Македонските судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски повторно добија потврда за нивниот светски квалитет, и сега од страна на ИХФ се номинирани да бидат дел од Азиската Лига на шампионите. Нашите судии ќе бидат единствените „странци“ меѓу делителите на правдата на тој турнир.
Тие натпревари се важни бидејќи се квалификации и за настап на Супер Глоуб, неофицијалното светско клупско првенство. Азиската Лига на шампиони ќе се игра од 1 до 10 јуни, во Ешфахан во Иран.
Азиската ракометна федерација побарала од Светската ракометна федерација (ИХФ) да им додели врвни судии кои ќе можат да ги судат важните дуели од нивната лига на шампионите. Пер Мортен Содал, одговорниот во ИХФ за судии ги предложил Николов и Начевски како најдоброто решение.
За разлика од дома, каде сезонава во Македонија судеа само неколку „важни натпревари“, и повеќето дуели „лесни за судење“, од страна на ЕХФ и ИХФ добиваат вистински дерби средби со исто така голема тежина и важност.
Со искуството што го имаат, а последно што судеа беше финалето на машкото СП во Шведска во јануари, македонските судии се длабоко етаблирани како респектабилни „луѓе во црно“ кои одлично си ја вршат работат.