Домаќинот остана со празни раце, Данска е бронзена на СП!

Репрезентацијата на Данска во борбата за третото место беше убедлива против домаќинот на Светското првенство, Шпанија, и славеше со резултат 35:28. Овој медал за Данска доаѓа по долга пауза бидејќи последен пат данската репрезентација имаше освоено медал во 2013 година на Светското првенство во Србија.

Во воведниот дел, двете репрезентации се менуваа во водство и ниту една од нив не можеше да создаде поголема предност од три разлика. Репрезентацијата на Данска во текот на 15. минута се обиде да го скрши отпорот на противникот и по втор пат се одлепи на плус два гола разлика, 8:6, но потоа неколку минути беше во ситуација со две ракометарки помалку на терен.

Шпанија ја искористи дадената шанса со играч повеќе и со серија од три гола го презеде водството за 9:8. Следуваше кризен период во шпанскиот состав, а дополнителен проблем за нив беше голманката Сандра Тофт, која со пет интервенции во првото полувреме им даваше ветер на своите колешки во зголемувањето на својата предност. Данките беа подобри во последните десет минути од првиот дел и на пауза заминаа со водство од плус три, 16:13.

Во второто полувреме, Данска за само неколку минути игра зголеми на највисоки шест гола разлика, 19:13. Во одбраната на Шпанија немаше дисциплина, па така ракометарките на Данска без многу проблеми ја одржуваа високата позитива до последната секунда. Сите обиди на Шпанките за намалување на огромното заостанување завршуваа без успех и за нив Светското првенство на кој беа домаќини ќе биде запишано како големо разочарување.

Најефикасна во редовите на победничката репрезентација беше Луис Бургард со седум погодоци. Во Шпанија, Кармен Мартин ги предводеше стрелците со шест погодоци.