Долгогодишниот капитен на Радовиш, Александар Долдуров, иако пред извесен период најави дека се повлекува од ракометот и замина во пензија, сепак, и во следната сезона ќе биде активен на терените.
Искусниот ракометар одлучи дека треба да продолжи во ракометните води и да им помогне на своите соиграчи во новата сезона, во која клубот ќе се обиде да го сочува суперлигашкиот статус.
Со неговото останување во ростерот на Мијалов, екипата на Радовиш ќе биде поквалитетна за новата натпреварувачка сезона. Претходно клубот ангажираше неколку засилувања.
Во Радовиш пристигнаа Јакша Вјештица од Морава (Србија), Кристијан Костадиновски од Кичево, Гоце Ѓоргиевски од Текстилец и Дарио Јорданов од Штокерау (Австрија).
Од младинскиот погон на екипата во сениорскиот тим беа прекомандувани голманот Александар Ристов, пикерот Ристе Атанасов, десното крило Матеј Шапков и левото крило Костадин Ѓеоргиев.
Радовишани во регуларниот дел од новата сезона ќе бидат дел од групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Тиквеш, Јуниор КВ, Еурофарм Пелистер 2 и Пролет.