Дознаа последни – од новинарите: На играчите од Зеленортските острови не им кажаа дека си одат дома

Дека се работи за аматерска репрезентација и дека зголемувањето на бројката на учеснички од Африка е претерано потврди однесувањето на претставниците на репрезентацијата на Зеленортските острови кои веќе не се дел од шампионатот.

Поради позитивните тестови на дел од ракометарите и неможноста да се обезбедат доволно ракометари за да се одиграат натпреварите раководството одлучи да се повлечат од Мундијалот. Сепак, уште поинтересно е тоа што на ракометарите никој не им кажал дека си одат дома.

После Чешка и САД кои се откажаа пред почетокот на Светското првенство, Зеленортските острови се третиот состав кој се откажа од Мундијалот. За разлика од првите две кои не допатуваа, селекцијата од Африка пристигна на СП, но имаа 11 играчи. После првиот натпревар имаа двајца позитивни и останаа со девет, а правилникот вели за да почне натпреварот мора да има десет ракометари во записникот со право на настап. Затоа дуелите со Германија и Уругвај беа регистрирани со 10:0 службено, а така ќе бидат и сите средби до крај.

Она што е тешко да се верува е дека на играчите на Зеленортските острови никој не им кажал дека нема да играат повеќе на Мундијалот и дека мора да си одат дома.  Кога новинарите од Данска се обиделе да ја потврдат веста која прво излезе во медиум во Германија, тие гледале со чудење бидејќи никој не им кажал дека ќе треба да се пакуваат и да си заминат дома.