Селекторот на младинската репрезентација на Србија, Ѓорѓе Теодоровиќ денеска го соопшти составот за настап на Европското младинско првенство за ракометари до 20 години, кое ќе се одржи во Португалија.
Теодоровиќ во Португија ќе има на располагање 18 ракометари. Во составот на Теодоровиќ најголемиот број на ракометари доаѓаат од српските клубови Војводина, Динамо, Врбас и Металопластика, а меѓу избраните кандидати имаше место и за средниот бек, Стефан Додиќ, кој во следната сезона би можел да остане во Вардар доколку добие дозвола од Келце.
Освен Додиќ, на списокот се наоѓаат уште двајца интернационалци. Станува збор за Бранко Предовиќ од Горење Велење и Милош Кос од босански Извиѓач.
Европското младинско првенство ќе се игра од 7 до 17 јули во Португалија. Репрезентацијата на Србија се наоѓа во групата Д заедно со селекциите на Германија, Исланд и Италија.
На Европското младинско првенство во Португалија ќе учествуваат 16 репрезентации, кои беа поделени во четири групи и секоја група ќе брои по четири репрезентации.
Од прелиминарната фаза, двете првопласирани селекции од секоја група ќе се пласираат во главната фаза, додека останатите селекции ќе продолжат да разигруваат за пласман од 9 до 16 место. Првопласираните селекции од главната фаза ќе обезбедат пласман во полуфиналето.
Од балканските земји во Португалија ќе учествуваат селекциите на Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.