Најкорисниот играч на младинското ЕП во Португалија, Стефан Додиќ, од Вардар не замина во Келце, туку на позајмица во хрватскиот првак Загреб.
Додиќ вели дека иако одигра само една полусезона во „црвено-црниот“ тим, сепак многу научил од Давид Дејвис.
„Напредував многу. Научив многу работи од Давид Дејвис во Вардар, особено, затоа што шпанските стратези обрнуваат многу внимание на средните бекови. Ми даде прилика и се излезе многу добро. Сега во Загреб имаме микс од стари и млади и тоа е најголемиот плус на оваа екипа, која е подготвена да даде голем отпор во Лигата на шампионите. Искуството од Вардар ќе ми значи многу“, вели Додиќ за „Спортске Новости“.
Загреб викендов стартува со натпреварите во хрватскиот шампионат, а веќе следната недела го чекаат обврските во Лигата на шампионите и меч против данскиот ГОГ Гудме.