Екипата на Синфин каде што настапува македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски доживеа уште еден пораз во шпанската Асобал лига откако беше поразена на гостувањето кај Гвадалахара 29:28.
Димитриевски одигра уште еден добар натпревар за својот тим, беше втор стрелец и постигна вкупно четири гола од осум удари со 50 проценти реализација, но сепак не успеа да му помогне на својот тим да избегне пораз.
Синфин добро го отвори мечот и поведе со 1:3, а потоа до полувремето се играше максимално израмнето. По 30 минути игра гостите имаа минимално водство од 14:15. Неизвесноста продолжи до крајот на мечот, а во финишот подобро се снајдоа ракоемтарите на Гвадалахара и стигнаа до бодовите.
Ова беше 12 пораз на Синфин сезонава и со четири победи и шест нерешени средби остануваат на 13 позиција на табелата. Во следното коло Димитриевски со својот клуб ќе го угости Гранољерс.