Две недели пред почетокот на подготовките за Европското првенство во Унгарија и Словачка пристигаат добри вести за селекторот Кирил Лазаров од Бундес лигата. Денеска Филип Кузмановски донесе победа за тимот на Хановер против Либек, додека Филип Миркуловски се врати терените после повредата.
Составот на Либек беше во водство речиси во текот на целиот натпревар поточно до 50. минута. Ракометарите на Хановер во последните десет минути беа подобриот тим на теренот. Домаќините го израмнија резултатот на 17:17 и со серија од 3:0 стигнаа до 20:17. Во моментот кога се кршеше резултатот и гостинскиот тим фаќаше залет за враќање во игра, Кузмановски го покажа својот квалитет и во одлучувачките моменти ги постигна двата последни погодоци за неговата екипа.
Кузмановски беше втор стрелец во составот на Хановер со четири погодоци, додека неговиот колега Хансен ги предводеше стрелците со седум погодоци. Хановер со новата победа влегува во игра за пласман меѓу најдобрите десет екипи во Бундес лигата.
Вецлар не дозволи изненадување на свој терен и запиша нова победа во најквалитетното натпреварување во Германија, овојпат беше подобар од незгодниот тим на Мелзунген со резултат 31:28. Членот на Вецлар и репрезентативец на Македонија, Филип Миркуловски после повредата се врати на терен, но денеска не се запиша во листата на стрелци.