Добија два црвени картони, ама ја остварија првата победа во Женската лига!

Екипата на Спартак од Кисела Вода, ја забележа втората сезонска победа, односно прва во Женската лига! Избраничките на Велимир Мицевски славеа на гостински терен во Штип кај Астибо со 27-23, иако во ростерот имаа десет ракометарки и една голманка. По 14 неуспешни обиди во регуларниот дел од лигата, Спартак, успеа во првиот меч од плеј-аут да се израдува на три бода, а по онаа победа во Купот минатиот викенд, ова е второ славје.

Се играше израмнет натпревар во првиот дел, штипјанки водеа во неколку наврати, но по 11-10, во финишот на полувремето им се случи огромен пад во играта и Спартак постигна шест гола во серија и направи пресврт, 16-11. На пауза скопската екипа ги задржа петте гола предност.

На стартот на вториот дел гостинките дадоа два брзи гола за највисоко водство од плус седум, 20-13. Сепак во 35. минута останаа без Ангела Гроздановска, која доби директен црвен картон поради остар фаул од зад грб над Анчева.

Тоа беше мотив плус за ракометарките на Астибо да заиграат подобро, ја стегнаа одбраната, реализираа подобро во нападот и се доближија на минус четири, 24-20. Во финишот кога Спартак остана и без Ивана Стојмановска, која доби црвен картон поради три исклучувања, Астибо успеа да се доближи и на минус два, 25-23.

Сепак во клучни моменти, кога требаше да погодат и да го направат крајот драматичен, не го направија тоа, гостинките ги казнија нивните грешки и на крајот се радуваа на прва победа оваа сезона, дури по 15 обиди.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ѓошевска со девет и Андовска со седум гола, додека за Астибо, 12 погодоци постигна Марија Анчева.