На Светското првенство во Египет една од репрезентациите кои добија можност да настапат со вајлд-карта е селекцијата на САД. Добро е познато кои се спортовите кои доминираат во САД, но и дека се решени да го пробијат и ракометот, па веќе се работи на тоа поле.
Откако ИХФ се одлучи да го вклучи САД на Мундијалот во Ракометната федерација на оваа земја почнаа со ангажманот за организација на подготовките.
Селекторот Роберт Хедин од Шведска, сепак, не е во можност да ги собере ракометарите и да ги провери нивните квалитети пред правењето на списокот од 35 ракометари за Мундијалот.
„Постојано вршам проценка на потенцијалните ракометари врз основа на ажурирањата и анализата на видеата што ги добиваме. Секоја земја има свој процес и избор на играчи, а во САД тоа се заснова на комуникација, како и критериуми што се во согласност на политиката на Олимпискиот комитет“, вели Роберт Хедин.
Инаку, играчите аплицираат во Ракометната федерација на САД, па веќе се прават прелиминарни проценки, а првичниот список на ракометари ќе биде познат в недела, кога треба да има 35 играчи. Потоа на 5 декември ќе стане јасно кои играчи продолжуваат во натамошниот дел односно кои ќе учествуваат во подготовките за Мундијалот.