Дебрецин, ден 5
Ден разочарувачки. Во сите овие години новинарски поминати покрај македонските репрезентации на големите настани, а ги има богами, побајаги многу уште од далечната 99-та, најтежок од секогаш ми е денот после разочарувачки пораз.
Она кога расположението спласнува како згрешено „суфле“ предвреме извадено од рерна. А, ти треба да работиш како ништо да не било, да го сервираш „суфлето“ и да влечеш зборови, а ним уста не им се отвора.
Па, по „суфлето“ следува фаза на Баба Роги и дрвени адвокати кога од спортски натпревар правиме национални драми. И стандард, позиција и опозиција имаме во се, па и во поразите. Забораваме што било до вчера, што сме рекле, па порекле…Критикуваме, па се додворуваме и амортизираме за мир во куќа. „Суфлето“ само лошо изгледа, инаку е многу вкусно…
После следува психолошката фаза. Изигруваме психолози за навредените и увредените и оние еуфоричните од другата страна, па мериме карактери како да сме на семинар за колективна терапија и одвикнување од национална еуфорија, а не на европско првенство во ракомет.
Преокупирани со ѓубрето под тепихот, туркај – вади, забораваме на крај и со кого сме играле и како сме одиграле, и кај сме згрешиле и зошто сме дошле.
Уште го бараме Пепи да се врати, ама подмладувањето и транзицијата со години ни се алиби во резерва. Ни се „погоди“ и короната сега како само нас да не погодила.
Ало, со Црна Гора игравме, онаа што беше најпогодена, што ги откажа подготвителните заради бројките, што не знаеја дали ќе имаат доволно играчи за ЕП, што беше дислоцирана дури во Балмазујварош подалеку од другите, што играше без селекторот поради короната…И, секоја им чест на борбеноста.
Да се разбереме, ние сме таков емотивен народ, секоја победа е еуфорија, секој пораз е трагедија. Да не беше така немаше секоја зима да се закрене пола Македонија за да ја бодри репрезентацијата и после пола година да отплаќа рати. И не е грев да се сака својата репрезентација и да се навива за победа. Грев е да се осудува и да се префрла вината. Па, кој жив дошол за пораз да се радува?!
Ете, ви велам јас не чинат ваквите денови. Празни, ладни, разочарувачки… Од еден таков во Гдањск пред шест години до ден денес имам трауми, кога мислевме дека ќе победиме, а загубивме од Тунис, па паѓаа солзи и оставки, а Рио отиде во неповрат…
Овој дебрецинскиот пораз не е баш до толку трагичен (барем не паднаа солзи и оставки…) ама е исто така болен и опасен, ако не научиме ништо од грешките.
И, ако пак отиде ѓубрето под тепих.
И ако и понатаму се обидуваме да се уверуваме дека е добро што сме загубиле за да не „полетаме“ и дека победата би била можеби и поголема штета од поразот. А, поразот не враќа на почеток, на втор колосек, со два баражи за следното СП. Магливо малку…
И во меѓувреме треба да градиме победнички менталитет. Со тапкање по рамо, претпоставувам… Се зезнаа оние Холанѓаните што ја лупнаа Унгарија на старт, а за малку и Исланд вчера. Кој знае како ќе му се одрази тоа на Стејнс, млад е исто колку нашиве…
Мачно е и на оној вчерашен редовен брифинг со репрезентацијата на студот пред хотелот. Оние најхрабрите барем излегуваат заедно со селекторот да мрзнат пред новинарите…
Разочарани погледи и смрзнати насмевки. Што да ти кажат што веќе не е речено?
Ми остана во глава една реченица од селекторот: „Некогаш и да си послаб играч ако имаш добар карактер заслужуваш да бидеш во овој тим“.
Си викам, кој знае што ќе беше и какви се главоболки ќе имаше ако тој беше селектор во некои минати времиња, што се карактери поминаа низ нашава мила репрезентацијата низ годините еее…
Рече Кире Лазаров вчера и дека и тие што мислел дека ги познава доволно како играчи и колеги, сега како селектор увидел дека не ги запознал доволно…Малку разочарувачки.
Јас пак си имам други маки новинарски – некои што мислев дека ги познавам, сега не ги препознавам! Уште поразочарувачки.
Денеска е нов ден. Ете, стивна македонската еуфорија, нема веќе ни многу гласни навивачи, а ни „црвени шалови“ низ градот. Магливо и ветровито е утрово во Дебрецин, а магливо е малку и во глава пред вечерашниот нов дуел против Данска, за Македонија последен на ова ЕП 2022.
Најверојатно, последен и за Жути во „црвено-жолтиот“ дрес. После Дебрецин, не верувам дека ќе има ново враќање. А, ова баш и не испадна некое добро испраќање како што заслужува борец како него. Пак разочарувачки…
Последен можеби и за уште неколку од постарите…Се пакува полека една убава генерација, малку брлива по карактер, ама победничка.
Се пакува и „Фалангата“… до некои подобри победнички времиња.