Дебрецин, ден 3
Ден Василица. Во групата во Дебрецин слободен, без натпревари. Репрезентациите вообичаено, пак се пребројуваат, ги одработуваат брифинзите, ги средуваат впечатоците од првиот и се подготвуваат за вториот дуел. По преспиена ноќ, многу работи се гледаат појасно…
Новинарите стандард, си тераат со обврските.
Навивачите одморени го истражуваат Дебрецин. Секаде сретнуваме некој од нашите. Има една посебна убавина на спортските патувања – познати непознати, сите меѓусебен сме срдечни и позитивно расположени.
А, за малку да напишам „позитивни“, па ми текна дека во новово време тој збор баш и не асоцира на расположение. И како што знаеме некогаш да не дочитуваме, ете ти беља работа. Одма ќе се крене паника.
Без гајле.
Ова „позитивно“ е она старото што значи насмевка, а не тревога.
Штом видиш нешто црвено-жолто и слушнеш македонски, а игра репрезентација, каде и да си, веднаш се разврзува муабет.
Се враќам во средата по натпреварот „дома“ и на катот кај нас луѓе со куфери мака мачат да го најдат клучот. И додека се обидуваме да ја решиме некако шифрата на „ки-боксот“ дали е „сикс ту фајв“ или „сикс ту севeн“, одеднаш слушаш „е, ова не е нормално…“.
-„Вие наши сте, Македонци?“
-„Да. И вие? Од каде овде“
-„За ракометот“
-„И ние за ракометот дојдовме…“
-„Влезете кај нас, додека да го најдеме клучот…“
Излезе дека Унгарецот ги измешал Македонците и им пратил погрешна адреса, па клучот што го баравме кај нас на први, всушност бил кај нив на шести кат…Како и да е, се реши некако работата.
Вчера после брифингот со нашите пред хотелот, тераме опција „два во едно“. Кога сме веќе тука во центарот може и да доработиме и да седнеме да го пробаме кафето во најпознатото место во Дебрецин, славниот хотел „Aranybika“ – „орањибика“ така некако се кажува на унгарски. „Aranybika“ е еден од симболите на Дебрецин. Не можеш да поминеш, а да не го забележиш. Опстојува со векови, делува импозантно, привлекува и воодушевува…дури ме натера во овие ракометни денови да просурфам и малку историја.
Хотелот постои уште од 1690 година, а има и интересна спортска историја бидејќи во 1915 година го реновирал лично првиот пливач олимписки шампион од новата олимписка ера, Алфред Хајош, кој е и прв олимписки шампион на Унгарија, но во исто време бил и архитект.
Инаку името на хотелот во превод значи „златен бик“ и уште од првиот ден кога дојдовме во Дебрецин, импресивната зграда некако ми стана омилена дестинација, и за кафе и за ориентација, а и со една посебна симболика за силата и истајноста на „златниот бик“.
Слободен ден, па и малку симболи и знаменитости покрај ракометот не е на одмет.
Инаку, муабетот ми беше за кафето и за нашите овде. Бидејќи „орањибика“ е централното место во Дебрецин, нормално тука секогаш има и некој од нашите.
„Од каде сте?“, „Кога дојдовте?“, „Како поминавте?“…па малку за времето, па за градот и најмногу за нашите и за ракометот „…штета, малку фалеше вчера со Словениците…“ „ајде, здравје, денеска дај боже, да славиме…“, со насмевка разврзавме македонски пред „орањибика“ со луѓе со кои прв пат се сретнуваме, а сега си муабетиме како со години да се знаеме.
И така е секогаш и секаде кога игра македонската репрезентација. Барем за оваа нашата ракометната знам сигурно. Истата таа енергија со „фалангата“ се пренесува и во сала. И затоа луѓето го сакаат јануари и репрезентацијата.
„Има позитивни вибрации од цела јавност, од цела Македонија дека се прави нешто добро…“, ќе рече вчера и селекторот Лазаров.
И убава е целата таа позитивна енергија што се создава кога игра Македонија.
Убаво е кога на Василица ќе стигне „позитивна вест“ дека Никуч е негативен дека пристигнува во Дебрецин да и се приклучи на репрезентацијата и дека најверојатно ќе биде во состав денска против Црна Гора. Уште побаво е видеото од пречекот што му го приредија кога се појави во хотелот…
Кој да знае дека ќе дојде време и на најпозитивниот лик да му се радуваш што е негативен!
А, јас како запнав со ова „позитивново“ , како да не сме пак на тестирање, денеска во два.
Проверуваме чорапите, стегачите, боите…се пакуваме и фаќаме стандард рута – лабораторија, сала… натегни маска, покажи „негативен“, залепи бројче, фати столче, вади лаптоп и одма префрли на позитива.
До следното „брцање“ во нос…И, внимавајте на чорапите, аман!