Дебрецин, ден 2
Ден за натпревар. Прв за Македонија на ова ЕП 2022, прв за Кире Лазаров на првото европско како селектор. Прв и за Јоно, Бранче и Жути покрај селекторот на клупата. Ги личи вака сите четворица заедно. Потсетуваат на старите времиња, но и на еден убав континуитет што го има ракометот во Македонија. Како Шведска со Линдгрен и Олсон, како Чешка со Кубеш и Филип…
Го фатив денов наопаку. Ми се измешаа малку мислите, ко антигените и ПЦР-те што ги збрцавме деновиве.
Но, таа е сликата што некако се врами на прво влегување во сала, не знам зошто токму баш вчера. Можеби дека прв пат е вака „дефинирана“ клупата. А, можеби и затоа што вчера сто пати пречкртуваа имиња над и под линијата, додека ние во прес-центарот го чекавме списокот. Ги збркавме ненамерно и колегите од Словенија на соседната маса.
„Кире нема да игра“…„Кире ќе игра…“, „Не, Кире веќе нема да игра…се повреди, го пропушта ЕП…толку е“.
Готово е, стигна и официјална потврда.
На прва шок и неверување. Молк.
На втора, узбуна и паника. Што ќе правиме сега? Ќе изгинеме…
Се навикнавме да е тука. Да игра, да трча, да вика, да шутира… да погодува седмерци, да прави цепелини…да ги ремети противниците. Навикнавме да му броиме голови и рекорди…
Па дваесет и кусур години основна лекција во македонската репрезентација беше „кога не знаеш што со топката, фрлај на десно…“!
А, сега каде?!
Па, ќе видиме, сигурно ќе се најде нешто.
Впрочем, Кире пак е тука со македонската репрезентација! Нема да биде „капитенот“, ама ќе биде „селекторот“…Ќе смисли нешто.
И, така некако, по првиот шок и паника, се помируваме со судбината и со фактот дека времето не застанува.
Има уште неполн час до дуелот со Словенија. Ај, да видиме како ќе поминеме. Малку со повеќе страв и исчекување и некако потивко од вообичаено седнуваме горе на „новинарските“.
И потоа, доаѓа онаа слика од почетокот на текстот.
Од спроти се македонските навивачи. По долгото патешествие, стигна „Фалангата“ и до дебрецинската „Феникс Арена“. Не е како во оние преткоронарните времиња, ама оние најверните пак се тука. Повеќето директно од пат во сала. Доволно за повторно да биде „црвено-жолто“ на главната трибина.
Да е жив и здрав Иван, и јас ќарив една од црвените маски со знамето што стигнаа за нашите. Се угушив, ама три саати од мерак ич не ја симнав!
И повторно ечи „излези момче…“. И македонската химна заедно со репрезентацијата.
Ние горе во „новинарската“, обично, велиме „по химната се познава каква ќе биде играта…“ И, така беше и сега.
Кире не играше, ама не изгинавме. Напротив! Уште од старт малку ги шокиравме Врањеш и Словенците. Тие за него се подготвувале…
Жути помагаше некоја минута, а Македонија играше токму како него – храбро и на „глава“. Одбраната на место, а Томовски како цел живот да е на голема сцена, смирено и елегантно ги „читаше“ Словенците. И штета што неискуството и грешките во финишот не чинеа пораз за кој денеска со ладни глави, ќе жалиме можеби и многу повеќе од вчера.
Не победивме, ама одигравме. Има надеж за македонската репрезентација и после Кире…со Кире! Само паметно…
И „Фалангата“ е тука за македонската репрезентација. Им пркоси и на студот и на короната, се снаоѓа и покрај ограничувањата. Короната ни ја зеде фан-зоната, ама дел од навивачите по традиција, по натпреварот пак се собраа. Најдоа добра „база“ и во Дебрецин, да го одбележат првиот ден од ЕП, како што е редот. И дел од новинарите, се разбира, им се придружија…Да соберат душа по мечот и по долгиот пат и да се сумираат впечатоците. Додуша, на вечера, малку помирно „по протокол“, ама со сите знамиња и реквизити, онака баш македонски колоритно.
Утре сигурно ќе биде уште повесело…