Дебрецин, ден пред
Јануари, 2022. Ново европско првенство, прво пандемиско. И уште од старт – се е веќе поинаку. И овој пат, еден поинаков „ДНЕВНИК“ во кој овој јануари ќе ги запишуваме ракометните згоди и незгоди.
Патот на „македонската ракометна фаланга“ оваа зима води во старата унгарска престолнина Дебрецин. Не ни беше баш најпосакуваната дестинација кога Видерер ја влечеше ждрепката, да бидам искрена, ама кога веќе се погоди, нема друго, ќе се оди.
Игра македонската репрезентација. Крв проплукавме и Данска „ја тепавме“ за да се пласираме, сега ли да се откажеме? Па ене каде е Унгарија!
Ама требале ЕУ-сертификати, ПЦР и антигенски. Се буниме малку во преписките со ЕХФ, со денови тумачиме мејлови, се слушаме со словенечките и со хрватските колеги и бараме логика што ја нема. И на крај се помируваме. Сакал не сакал, го прифаќаш „стапчето до синуси“. Ќе се трпи, нема друго.
Пакуваш куферот, до пола веќе полн со залиха од маски од сите врсти, да се најдат за таму – КН95 за во сала по пропис, обични да ти се најдат набрзина по џепови, оние со стегачи да не ти се маглат очилата…па спејови и витамини. Спакувана цела „борбена опрема“. За секој случај.
За среќен пат, брцаме еден ПЦР уште во Скопје, типуваме на „негативно“ и фаќаме патот на ризик. Таму некаде по пат во ОМВ седнуваме на кафе и во исчекување отвараме мејловите. Како деца киндер-јајце. Што ќе ти се падне, да видиме…
-„Кај мене негативен“
– „Негативен“
-„Чекај… негативен и кај мене“
Ајде, со среќа нека е. Прв круг поминавме!
Сега, уште да не прати среќа и Хоргош со лесно да го поминеме и ете не на европско. Цариникот на српска граница типуваше 4+. За малку „ја утна“. Поминавме со 3.5 саати чекање.
-„Одиме на европско…хандбал“
-„А „рукомет“, ок! – мафта со рака унгарскиот цариник.
Унгарија доаѓаме!
Арно ама тоа патот до Дебрецин крај нема…Последните 200 низ снежната виулица низ рамницата се чинат како да се 2000 километри! Броиш километри и едно сто пати ја проколнуваш ждрепката и раката. Заради патот и виулицата…За Данска и за Словенија уште не сме стигнале.
Совет за тие што ќе тргнат за Дебрецин – фаќајте автопатот преку Будимпешта, не обиколницата кај Сегед!
И конечно, таму некаде пред полноќ – стигнавме некако до финалната дестинација. Дебрецин, еве не!
Дебрецин, ден 1
Ново утро. Прв ден во Дебрецин и нормално како и секогаш милион обврски да се завршат. Плус, на се протоколите, акредитациите, лабораториите…
Нормално, прва проверка – дали се сите во репрезентација негативни.
Негативни се, ама „бесконтактни“. Пропаѓа планираното земање изјави. Хотелот „Лициум“ во кој се сместени репрезентациите ни е на пет минути „во комшии“. Во некое друго нормално време тоа ќе беше „поволна новинарска позиција“. Сега се гледаш на кратко преку стакло пред хотелот. Како лепрозни, скраја да е.
Ќути, нашиве уште и добри се. Црногорците и во друг хотел ги дистанцирале. Наводно, за да биде „покомотно“, а многуповеројатно заради бројките.
Втора дестинација, „Феникс“ арена. Да видиме што каде е и, секако, да си ги земеме акредитациите.
Влегуваш, вадиш документација како за инвалидска пензија!
Прележан…Вакциниран, прва, втора доза…скениран. Плус тестиран.
Задолжителен ПЦР за да земеш акредитација! И тоа го има.
Па зошто е тестот од Македонија дополнителна проверка и сугестија – може и овде да се тестирате, има пункт пред сала. Супер, само што тука „на лице место“ антигените и ПЦР чинат како влезница за Ф4 финале. 50 евра брзиот, 100-ка посигурниот!
Во лабораторијата е на пола. Ќе ја бараме подоцна да закажеме „брцање“ за утре…
Конечно, го поминавме некако и овој круг. По сите процедури, ја закачувам акредитацијата, мислиш диплома! Лепенката на неа важи само за 12 јануари. Да ги пречекаш ракометарите пред тренинг и да се видиш на блиц. Толку.
За денеска на натпревар, треба ново „брцање“ во нос и нов негативен.
И Словенците ги чекаат своите пред сала. И нивните и нашите стигнуваат едни по други некаде во исто време.
Европско е. Се сретнуваш на брзина со селекторот и со дел од ракометарите, со старите ракометни пријатели со кои не поврзуваат многу заеднички поминати ракометни јануарски денови. Се поздравуваш, се залетуваш по навика, онака балкански, срдечно да се изгушкаш, па застануваш… Ти текнува на дистанцата. Не знаеш ни дали рака да пружиш, ѓавол да го носи…
-„Како си?“ – прашуваш или те прашуваат.
-„Негативен“ – велиш или ти велат.
-„Супер!“ – си честитаме како веќе да сме се пласирале во втор круг, а не за стапчето брцнато во носот!
Нови тестови и нови стресови. Позитивни, негативни…дистанцирани. Броиш, комбинираш…Стапчето „брцна“ до синуси во ракометот.
Што ќе донесе вакво Европско првенство?
Никој не знае. Ќе видиме.
Одиме сега на нов тест. Прво стапчето, па после ракомет…