Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Македонија имаше многу работа изминатава недела.
По прекинот на натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер 2, на кој беше спречен поголем инцидент казни заработија двајца ракометари.
Филип Николов доби суспензија од четири меча, но тие ќе ги одработи следната сезона, додека Емилијан Ѓорговски е казнет со два натпревари, а тој казната ќе ја одработи оваа сезона, бидејќи нема да настапи на Ф4 за младинци во дресот на Еурофарм Пелистер 2. Покрај битолскиот клуб на Ф4 ќе играат Алкалоид, Бутел и Прилеп.
Николов и Ѓорговски се казнети според членот 108 од Дисциплинскиот правилник на РФМ.
„Играчот, кој на натпреварот со груба игра ќе го доведе во опасност здравјето на друг играч или службени лица, ќе се казни со забрана од настапување до 4 натпревари, или со парична казна. Ако во случајот од став 1 кај другиот натпреварувач настапи тешка телесна повреда, ќе се казни со забрана за настап до 10 натпревари, или со парична казна“, се вели во членот 108.
Казна од еден натпревар има и за играчот на Радовиш, Александар Долдуров, кој на последниот натпревар во кариерата доби црвен картон, но интересно е што нема да ја одработи суспензијата.