Дисингер: Останав за да го водам новиот Вардар во новата ера!

Германецот го преживеа двегодишното „лудило“, сите клупски подеми и падови, беше дел од тајниот пакт склучен во соблекувалната - еден за сите, сите за еден, се заљуби во Македонка, претрпе две повреди, од кои се враќа посилен и е подготвен да превземе главна улога во новата вардарова приказна.

За Германецот Кристијан Дисингер се мислеше дека ќе биде еден од првите кој ќе замине од редовите на Вардар по само една сезона. Но, наместо да крене раце, тој одлучи да верува и да се потпре на „братството и единството“ во вардаровите редови и година дена подоцна новата сезона да ја стартува како еден од столбовите на новата „црвено-црна“ ера.

И не само што остана, туку Диско си „ќари“ и девојка Македонка, фасциниран е од нашата земја, од фановите… и само уште јазикот да го совлада и сè ќе биде перфектно. Додека работи на случајот „македонски јазик“, се одлучивме за интернационална варијанта – англиски, со оглед на тоа дека ниту мене не ми оди германскиот од рака.

Петте „карантински“ месеци кои ги наметна коронавирусот Дисингер ги минал во работа на себе, за комплетно да се врати по повредата на коленото и операцијата.

„Од една страна беше интересно затоа што имав многу време за себе, од друга страна ми беше чудно, никогаш не сум бил во ваква ситуација. Имав планови што да правам, а потоа сите планови паднаа во вода. Бев во фаза на рехабилитација и имав многу време за работа, да тренирам и можам да кажам дека сега сум фит. Работев на себе, одморав, гледав серии за време на карантинот, но ако може да сменам секогаш би го заменил за времето пред коронавирусот. Ова е сосем нова ситуација, никој не знае што ќе се случи утре, следната недела или следниот месец“ – прокоментира Дисингер.

УШТЕ ЕДЕН МАКЕДОНСКИ ЗЕТ

Тоа што „заглави“ во Македонија и не беше така лошо за Кристијан, кој некое време е во врска со Македонка, Марија (сестрата на вереницата на Игор Карачиќ). Слободното време кое им го донесе пандемијата им овозможи заедно да тренираат, да прошетаат и да уживаат… Логично се наметнува прашањето дали Карачиќ е виновникот за љубовта?

„Мислам да. Ќе му дадам 50 проценти (се смее) Ако не беше Игор веројатно никогаш немаше да се случи. Игор ми е како брат кој никогаш не сум го имал, блиски сме, зборувавме за се, и на крајот се случи врската со Марија и сега најважното е дека сум среќен.“

За некого може ќе звучи чудно ама овој Германец делува како да се пронашол во Македонија. Веќе целосно ја истражил и го обожува животот во неа, иако понекогаш му пречи тоа што сме (пре)опуштени во некои ситуации.

„Сум бил секаде низ Македонија, сакам да живеам тука, немам ништо негативно. Многу убава земја, со богати пејзажи, останува само да видиме на крајот дали ќе биде искуството перфектно. Се чувствувам удобно тука, немам никакви проблеми. Во најголемиот дел од времето го сакам животот тука иако понекогаш е премногу опуштено. Од прв ден сите беа добри, сите сакаа да помогнат, не е како во другите земји каде луѓето на почетокот се затворени и беше многу лесно за мене да се адаптирам… Девојка ми ми помогна со многу работи. На пример не го разбирам правниот систем, за мене тоа е комплетно збунувачки. Административните работи и документите за работната виза, ако бев без неа немаше да бидам изгубен ама ќе беше многу потешко за мене. Менталитетот е многу поразличен тука. Живеев со Вујин три ипол години, бевме соседи, потоа бев цимер со Дувњак во Кил, секогаш сум бил во друштво на балкански играчи и навикнат бев на менталитетот, но да се живее во земја е нешто сосем различно, потребно е нешто повеќе од тоа да познаваш луѓе… Немам омилено место, затоа што секогаш менувам локација, не сакам да седам на едно место постојано. Барам авантури и нови искуства, секогаш сакам да видам нешто ново. Истото е и со храната, не сум тип на човек кој сака исти јадења, немам омилено, секогаш менувам.“

„СЕ БОРАМ ДА НАУЧАМ МАКЕДОНСКИ“

Уште една од работите што му „легнала“ на Дисингер е што сите зборуваат англиски јазик и без проблем успеал да се адаптира на средината. Но, дел од тоа се должи и на фактот дека е роден во јужниот дел од Германија, каде не е се испланирано однапред.

„Кога дојдов во Македонија немаше јазична бариера, сите зборуваат англиски и затоа лесно се адаптирав, но и затоа уште се борам да научам македонски (се смее). Учев македонски јазик и мислам дека можам да зборувам, но мојот проблем е што сакам да сум перфектен во тоа. Можам да читам и да пишувам на македонски затоа што учев руски на училиште и кога излегувам надвор разбирам сè што се зборува без разлика дали луѓето се од Скопје, Охрид или Струмица…. Разбирам и бугарски, кој е близок јазик, како и српски и хрватски, но не знам зошто не се чувствувам удобно да зборувам македонски. Истото ми се случува и со рускиот. Имам учено и француски и шпански, но затоа што не ги користев низ годините комплетно ги заборавив. Се држам упорно до германскиот и англискиот, но сега со Стевче како тренер ќе се обидам да комуницирам со него на македонски…

Најчесто пцовките се првиот збор што се учи во некој јазик, но Диско прво научил да кажува „здраво“ – „Не бев навикнат на тој збор. Знаев „чао“ на српски или „бог“ на хрватски, ама „здраво“ првпат слушнав… Секако следно што научив беше пцовка.“

„ПИСОНЕРО НЕ БЕШЕ ВИНОВЕН“

За две сезони во „црвено-црните“ редови Дисингер доживеа и преживеа сè – финансиска криза, клуб во распаѓање, освојување на шампионски титули, тренерски промени… подеми и падови на кои се чини дека немаа ниту почеток, ниту крај.

„Претходните две сезони беа комплетен „ролеркостер“, со сите подеми и падови да не беа момците и луѓето во тимот и околу него немаше да биде возможно некој од нас да остане. Ние не сме само пријатели и соиграчи, нашата врска е посилна, како семејство. Тоа беше најважно, да се чувствуваш удобно со луѓето со кои работиш, ако не беше така, веројатно ќе се откажев веднаш по освојувањето на Лигата на шампионите… Ланската сезона беше дури и полоша од онаа претходно, затоа што за првпат можеше да се види дека нешто не е во ред… За жал Писонеро беше посочен како виновен, но не беше. Имаше функционален тим, но со само десет играчи (поради многуте повреди). Фактот дека се стана дури и полошо по освојувањето на Лигата на шампионите, иако имаше многу ветувања, тоа не уби ментално. Недостасуваше еден дел од сложувалката и не беше можно работите да бидат исти и да бидеме на истото ниво како лани…“

БРАТСТВО И ЕДИНСТВО

За да се преживее тоа „лудило“ најважно беше да се зачува здравиот разум и единството во соблекувалната. Вардарци го направија тоа! Никому до ден денеска не му е јасно, но тие во Келн отпатуваа како клуб без иднина, а се вратија како европски прваци, вторпат во три години.

„Ако не беше тоа никогаш немаше да ја освоиме титулата во Лигата на шампионите. Можевме сите да се распаднеме откако беше обелоденета одлуката дека клубот нема повеќе да постои по таа сезона. Клучната причина за успесите низ сите сезони, како и за тоа дека и оваа сезона Вардар ќе има силен тим. Да не беше тоа братство и единство можеби ќе останеа еден или двајца играчи и тоа ќе беше тоа. Чувствувам одговорност за нас петмина кои останавме од претходниот тим да го пренесеме тоа и да го предводиме овој нов состав и ако успееме, верувам дека ќе бидеме многу успешни. Тоа ќе биде клучно…“

Ваквата слога меѓу играчите е и еден од факторите поради кој тој останува во Скопје.

„Петмината играчи кои останавме зборувавме многу, анализиравме и, секако, секој од нас ќе има финансиска загуба, но на крајот решивме ако остануваме, ќе останеме сите заедно, ако еден заминеше мислам дека сите ќе си заминевме во тоа време. Не направивме компромис, туку се сложивме дека сакаме да останеме заедно и да го водиме овој нов Вардар, во оваа нова ера и иако не верувам дека ќе биде можно да го имаме истиот успех како претходно. Свесни бевме дека ако останеме заедно ја имаме базата на тимот и со добри трансфери ќе имаме силна екипа. Мислам дека тоа беше пресудното. Сите ние имавме понуди од други клубови, можеби дури и финансиски подобри, но одлучивме дека сакаме да продолжиме и Михајло ни даде добро чувство во сето тоа, дека ќе направи сè што е во негова моќ за да имаме силен тим и тие се главните причини. Да бидам искрен имаме сè тука, одлични услови за тренинг, за подготовки, земјата е луда за ракомет, нешто што го нема на друго место. Сите овие фактори на крајот беа причината за да останам во Скопје.“

НАВИВАЧИТЕ СЕ СИЛАТА НА ВАРДАР

Да, земјата е луда за ракомет. Само што поради пандемијата ракометните фанови ќе мора своето најголемо задоволство да го воспримаат преку ТВ екраните, а не на трибините. Незадоволството од ваквата ситуација е апсолутно взаемно.

„Комплетно сум фасциниран од навивачите. Она кое владее тука за ракометот можам да го споредам единствено со Турците и нивната љубов кон фудбалот, ја има истата лудост. „Јане Сандански“ е најтешката арена за играње за противниците. Ваква атмосфера нема во ниту една друга сала во Европа. Тие дефинитивно се силата на Вардар. Кога губиме тие ни помагаат да се вратиме во мечот, кога победуваме даваат дополнително крила. Не знам друго место на кое една екипа има таква атмосфера за игра и една таква публика позади себе без разлика дали ќе излезе како победник или поразен на крајот од мечот. Фасциниран сум и од чувството кое го имаш уште при доаѓањето во салата пред мечот, наежен си комплетно, се чувствуваш моќно и силно и тоа е многу, многу важно за нас. Се надевам дека ќе имаме шанса и сезонава да играме пред публика.“

ДОСАДНО Е ДА СЕ ИГРА САМО ВО БУНДЕСЛИГА

Кристијан Дисингер беше вардарова желба уште во 2013 година, кога стартуваше проектот, но она што не успеаја да се договорат тогаш се случило за „пет минути“ неколку години подоцна.

„Имав 21 година тогаш, заздравував од тешка повреда на лигаментите на коленото. Потпишав договор со Атлетико Мадрид, а потоа клубот банкротираше. Не знам, во тој период слушав сечии мислења… Вардар не беше задоволен од фактот дека уште сум во фаза на рехабилитација, додека јас чувствував притисок дека треба да се вратам во игра за два-три месеци, и не го сакав тој притисок и затоа ја одбив понудата… Си реков можеби за некоја година, а и сакав да видам како ќе се развива тој проект, затоа што уште беше во рана фаза. Кога првпат ја видов салата имаше само основа. Сакав да почекам. Се покажа како успешен проект и може да кажам дека и двете страни имавме среќа. Јас се мачев во Кил, тие не сметаа на мене повеќе, Вардар повторно ме побара и тоа беше одлука за која ми беа потребни само пет минути.“

Тој отсекогаш сонувал за интернационална кариера, бидејќи според него досадно е да се игра само во Бундеслигата.

„Одсекогаш сум сакал да играм во странство. Играв во Швајцарија, потпишав за Атлетико Мадрид… За мене играњето во странство е авантура, но и предизвик, да се има еден друг поглед, затоа што голем број од германските ракометари цел живот играат во Бундеслигата и тоа, да бидам искрен, е досадно за мене.“

„ЧОВЕК ОД СТАКЛО“

Кога Дисингер потпишуваше за Вардар еден мој колега имаше интересен епитет за него, го нарече „човек од стакло“ поради големиот број тешки повреди кои го следеа низ кариерата. Кога му го посочив тоа, Кристијан беше болно искрен, велејќи дека можеби на тој начин ја плаќа цената што се форсирал себе си како млад.

„Повредите се дел од мене и ако немаш цели, никогаш нема да можеш да се вратиш по повреда. Се трудам секогаш да се фокусирам на следната цел. Ланската година во Брест мислам дека ја имав најболната повреда во кариерата досега, со дислокацијата на лактот, а и не ми беше потребно искуството да посетам болница во Белорусија (се смее). Но направивме сè што беше можно за да играм во период од пет недели, што беше апсолутно чудо, затоа што никој не мислеше дека ќе биде можно тоа… Последната повреда можам да ја наречам лоша среќа, не знам. Ако се гледа од лошата страна да може да се каже дека имам „коски од стакло“, но тоа се случува затоа што тренирав како луд на 14-15 години, тренирав по трипати во денот и до 21 година не знаев што е летен распуст. Кога ги гледам помладиве генерации не ја разбирам нивната комоција и менталитетот за работа. Задоволни се само со тоа што се дел од некој топ-тим во Европа, а не работат секојдневно на себе да станат уште подобри. Како млад бев свесен за високиот ризик кој постои поради тоа што се форсирав себе си и сега можеби ја плаќам целата, можеби не знам… Но, од друга страна не би сменил ништо затоа што тоа ме направи играчот кој сум денеска.“

СИТУАЦИЈАТА НЕ ВЕТУВА, ИМА САМО ПЛАН А, НЕМА ПЛАН Б

Играчот кој е денеска се подготвува за новата сезона, која по многу работи ќе биде различна, со оглед на тоа дека се организира во услови на пандемија. И токму фактот дека за сезоната постои само еден план, без стратегија и резерви е она што не му дозволува на Германецот да верува дека ракометот ќе има шанса.

„Не верувам дека ќе добие спортот шанса. Додека немаме вакцина која ќе функционира, сè ќе биде ново за нас, ништо нема да може да планираме. ЕХФ го направи планот и распоредот за новата сезона, но што ќе се случи ако некој тим се зарази од вирусот, ќе биде исфрлен од ЛШ или ќе ги игра подоцна натпреварите? Како ќе патуваме? На Македонците им е забрането да патуваат во Европската унија, истото важи и за Русите. Ќе има многу промени, ќе мора да се прават многу компромиси, ниту гледачи нема да има, најмалку до крајот на годинава… Нема план Б, само план А. Со ваквата ситуација само фубалот како спорт може да опстане на истото ниво како порано, поради ТВ правата. Во ракомет работите се поинакви и ако не се најде компромис, ракометот може да падне на полу-аметерски спорт ако ни се случи уште еден пад како сезонава. Тешко е да се предвиди што ќе се случува, но во моментов ситуацијата не ветува. Не сум исплашен, но не се чувствувам комотно со фактот дека има само еден план, нема друг излез и нема стратегија зад потезите.“

ЗА ДИСКО ПРАШАЈТЕ ГО ВУЈИН

За да го финализирам разговорот со поведра тема, го прашав како го доби прекарот „Диско“, дали му го смислија соиграчите во Вардар? Но, не… Тоа е дело на Марко Вујин, со кој претходно беше соиграч во Кил, а сега одново се обединија во „црвено-црните“ редови.

„Прекарот Диско го добив во Кил, за тоа ќе мора да го прашате Вујин. Тоа е негово дело, кое не знам како е создадено… едноставно го добив еден ден. Ги зедоа првите три букви од моето презиме и додадоа КО.“