Вардар го обезбеди осмото финале на Ф4 турнирот во СЕХА лигата и на листата додаде уште една драматична завршница совладувајќи го Загреб со 30-29 по изведувањето на седмерци.
Тоа веќе стана карактеристика за „црвено-црните“, истакнува Кристијан Дисингер, еден од најзабележителните поединци во составот на Вардар и заедно со Тимур Дибиров најефикасно со по шест погодоци во полуфиналето во Задар.
„Имаме многу нови играчи на кои им треба време да влезат во системот на игра, неколку месеци немавме натпревари и тоа е голем проблем за сите во овој момент. Атмосферата во тимот е перфектна, но ни треба време да се воиграме и да бидеме подобри. Во финишот можеше да не се пласираме во финалето бидејќи имавме шест гола негатива, но тоа е типично за Вардар. Звучи лудо, но некогаш може да не бидеме успешно на крај“ – вели германскиот бек.
Шестиот погодок на мечот, Дисингер го постигна од за него невообичаена позиција во пенал серијата на крај. Но, вели дека иако не е пеналџија, овој пат бил сигурен дека ќе успее.
„Борко го спаси последниот седмерец, па не моравме да се грижиме дали ќе погоди некој од нас. Не бев нервозен, иако последен пат шутирав пенал пред 8-9 години, малку е поразлично, но мора да го гледаш голот, а не голманот“ – пренесе Дисингер.
Во финалето, Вардар го очекува дуелот со Веспрем. Унгарскиот тим е апсолутен фаворит, но за вардарци кога се во налет нема несовладлива пречка, се покажало тоа многу пати досега.
„Нема што многу да се каже за Веспрем, тие се гоолем фаворит и најсилниот тим во ова натпрееварување. Ако сме цврсти во одбраната, ако трчаме и ако ги намалиме грешките, може да го добиеме и Веспрем. Но, за тоа мора да дадеме повеќе од 100 проценти!“ – нагласува Кристијан Дисингер.
Финалето на Ф4 турнирот во Задар меѓу Вардар и Веспрем се игра утре со почеток во 20.30 часот, а пред во 18.00 часот за 3.место ќе играат ППД Загреб и Мешков Брест.