Европскиот шампион Вардар на ниту еден натпревар сезонава не беше комплетен. Проблемите со повреди на дел од ракометарите само се зголемуваат, а Кристијан Дисингер често е на листата повредени.
Тој се повреди на средбата со Војдодина од СЕХА, па не настапи на дуелот со Келце во Скопје заедно со Кристопанс. Сепак беше подготвен за игра на возвратниот натпревар во Полска со истиот ривал, но и таму играл со болка.
„Болката почна уште во саботата додека игравме со Келце. Деновиве болката стануваше сè посилна и посилна, па не можев да отидам ниту на тренинг“, изјави Дисингер.
Германскиот лев бек има мал оток на коленото, но ќе прими инјекции и најверојатно ќе патува со екипата на натпреварот во Брест, кој е од исклучително значење за европскиот шампион во борбата најмалку за второто место во групата.