Еден од ракометарите кој со Вардар ја освои последната титула во Лигата на шампионите, Германецот Кристијан Дисингер, се наоѓа на излезна врата од Динамо Букурешт.
Според пишувањата на романскиот медиум „ГСП“, Динамо Букурешт планира на дел од ракометарите да им ги намали платите поради амбициозните планови за следната сезона и зголемениот играчки кадар.
Кристијан Дисингер, кој според „ГСП“, заработува месечна плата од околу 12.000 евра, не сакал да прифати намалување и најверојатно ќе го напушти тимот од романската престолнина.
Левиот бек од Германија во својата кариера настапуваше за екипите на Кадетен Шафхаузен, Кил и Вардар. Во Вардар беше три сезони, од 2018/19, па сѐ до 2020/21. Во Динамо Букурешт се пресели на почетокот на оваа сезона.
На дел од ракометарите кои имаат активни договори со Динамо Букурешт ќе им биде понудено да одат на позајмица во друг клуб, но сѐ уште не се знае кои играчи ќе бидат тоа.