Големиот борец кај вардарци, Германецот Кристијан Дисингер денеска беше еден од поефикасните. Тој се трошеше доста и во играта во одбрана, но денеска немаше простор за да се направи нешто повеќе со оглед на расположениот противник.
Дисингер доби многу повеќе минутажа отколку што имаше кај Писонеро, но и тоа не даде резултат.
„Според мене игравме добро. Помалку или повеќе добро во првите 40 минути, но немавме доволно среќа. Имавме три гола негатива по првиот дел и се боревме и боревме, но не знам што се случи. Гол по гол Веспрем направи разлика која беше недостижна. Им честитам за победата тие беа подобриот тим денеска“, изјави Дисингер.
За него и еден дел од колегите следува можност да продолжат со подготовки со тимот, па на почетокот на ноември да има шанса да се поправи впечатокот на дуелите против Мешков Брест и Келце на домашен терен.